Хрватска бележи раст на туристичкиот промет, но меѓу гостите на Јадранот има и такви кои од годинашниот одмор носат сосема поинакви впечатоци. Дел од туристите се жалат на високите цени, големите гужви, состојбата на некои плажи, проблемите со паркирање, но и на наплата на содржини кои особено ги изненадиле.
Според податоците од системот „eVisitor“, кој го следи туристичкиот промет во комерцијалните и некомерцијалните сместувачки капацитети, како и наутичкиот чартер, во Хрватска од почетокот на годината до крајот на јули се остварени 12,4 милиони пристигнувања и 59,1 милиони ноќевања. Тоа е за еден отсто повеќе во споредба со истиот период минатата година.
Најголем дел од ноќевањата се остварени на Јадранот – 56,1 милиони, што претставува раст од 0,5 отсто. На континенталниот дел, вклучувајќи го и Загреб, се забележани повеќе од три милиони ноќевања, односно еден отсто повеќе од лани.
Сепак, добрите туристички бројки не значат дека сите посетители се задоволни. На социјалните мрежи се развила расправа во која дел од долгогодишните гости опишале што им пречи ова лето на хрватското приморје – од цените и преполните плажи до дополнителните трошоци.
Како што пренесува „Dnevno.hr“, големо внимание предизвикало искуството на Хрватка која повеќе од 20 години живее во Англија и секое лето со семејството доаѓа во Хрватска. Годинашниот одмор во Макарска, сепак, за неа бил големо разочарување.
„Се покајавме уште првиот ден“
Таа навела дека особено ја разочарале состојбата на морето, миризбата која ја поврзала со канализација и големите гужви на плажите. Забележала и на големиот број лежалки кои, според неа, со часови остануваат празни, додека другите гости тешко наоѓаат слободно место за да постават пешкир.
Посебно незадоволство предизвикала наплатата на туширањето на плажа. Според нејзините тврдења, 30 секунди вода чинат 50 центи.
Токму овој детал предизвикал бројни реакции. Туристката како споредба го навела своето искуство од Холандија, каде што на плажите наидувала дури и на бесплатни дозери со крем за заштита од сонце.
Нејзината објава поттикнала поширока дискусија меѓу луѓето кои со години летуваат во Хрватска.
Еден Англичанец, чија сопруга е Хрватка и кој повеќе од две децении има куќа на Хвар, напишал дека Хрватска во последните години станала „пренатрупана и скапа“.
Како проблеми ги посочил и преполните канти за отпад, тешкото наоѓање паркинг и високите цени за време на одморот.
