Сопругата на претседателот на Франција, Брижит Макрон, одлучи да поднесе тужба против теоријата на заговор на интернет, во која беше објавено дека е родена како маж.
Контроверзната приказна била објавена во екстремно десничарското списание Faits et Documents во септември, а во неа се инсистира дека тврдењето потекнува од тригодишна истрага што ја поддржале многу експерти.
Месечникот од 12 страници, што има објавено низа бизарни теории за јавни личности, наводно ја обвинил Брижит Макрон дека била родена како маж по име Жан-Мишел Трогу.
Наташа Реј, новинарката за која се наведува дека ги истражувала тврдењата, дала речиси четири часа долго интервју за медиумите по повод оваа теорија, а пред тоа да биде избришано од јутјуб, било прегледано 470 илјади пати.
Бизарната теорија се раширила на социјалните мрежи, па месецов кружеа многу смешни сугестии на нив, а “JeanMichelTrogneuх” стана една од темите за кои најмногу се зборувало на францускиот Твитер минатата недела.
Адвокатот на Брижит Макрон, која е мајка на три возрасни деца од првиот брак, потврди дека презема законски мерки.
„Брижит Макрон одлучи да поведе постапка и таа е во тек“, ја пренесоа француските медиуми изјавата на адвокатот Жан Еноки.