Во тек е третата трансплантација на срце во историјата на нашата земја, информира министерот за здравство, Венко Филипче.
Тој на „Фејсбук“ напиша дека во тек е експлантација на срце која ја прават кардиохирурзите д-р Марјан Шокаровски, д-р Васил Папестиев и д-р Никола Христов, откако претходно колегите од Клиниката за урологија д-р Сотир Ставридис, д-р Александар Трифуновски и д-р Виктор Станков ја завршија експлантацијата на бубрезите, по што ќе следи трансплантација на органите кај пациенти.
„Да се надеваме на успех и да им држиме среќа“, напиша Филипче.
Тој информира дека процесот за трансплантација на срце почнал утрово во 6:33 часот. Исто така, напиша Филипче, на двајца пациенти ќе им се трансплантираат бубрези.
„Доцна синоќа заедно со моите колеги Националната координаторка за трансплантација доц. д-р Маја Мојсова Мијовска тимот кардиохирурзи проф. д-р Сашко Јовев, академик Жан Митрев, д-р Марјан Шокаровски, д-р Васил Папестиев, д-р Тања Анѓушева ги направивме подготовките за трансплантација на срце и бубрези од мртов донор чие семејство даде согласност да се донираат органите на пациентот. На тимовите лекари кои ќе ги вршат трансплантациите им посакувам многу успех. Да им држиме среќа“, напиша Филипче.