Промоцијата на новиот дрес на македонската фудбалска репрезентација за ЕВРО 2021, во неприродни бои за нашата држава, предизвика голема реакција во јавноста, по што челниците на ФФМ најавија враќање на стариот со префрлање на вината кон „ЈАКО“, од каде што, пак, се изненадени од потезите на луѓето од Куќата на фудбалот.
Најголем револт предизвика фактот што новиот основен дрес наместо во традиционалната црвена беше направен во бордо боја, која повеќе асоцира на албанската отколку на македонската национална селекција. Првиот човек на ФФМ, Муамед Сејдини, во соопштението до јавноста, за тоа ја нападна германската компанија за производство на спортска опрема.
Оттаму, пак, во изјава за СПОРТ1.мк, доаѓа сосема поинаква верзија на целата приказна.
„Луѓето од ФФМ нѐ известија во текот на вчерашниот ден дека не сакаат вашиот национален тим да игра на ЕВРО 2021 во новите дресови со Балканскиот рис. ЈАКО воопшто не го очекуваше ова. Според ФФМ, главна причина за револтот во јавноста е бојата на дресовите. Во моментот кога Македонија се пласира на ЕП, од ФФМ од нас побараа дрес со специфичен дизајн со Балканскиот рис и тоа во – бордо боја. Ние го произведовме дресот точно како што од нас беше побарано и го презентиравме на 28 мај“ изјавил Нико Вагнер, задолжен за односи со јавноста во ЈАКО.