Само шест дена по смртта на неговиот брат близнак Гричка на 72-годишна возраст, почина и познатиот француски ТВ водител, продуцент и научен есеист Игор Богданоф.
Смртта ја потврдил неговиот агент, пренесува белгискиот весник Le Soir.
„Замина во мир и опкружен со љубов, отиде кон светлината овој понеделник, 3 јануари 2022 година, со своето семејство“, напишаа неговите најблиски во соопштението испратено до медиумите од агентот.
Во ниту еден случај, семејството не сакаше да ги коментира причините за двата смртни случаи, но роднините потврдија дека тој починал како последица на инфекција со коронавирус, истакнувајќи дека не бил вакциниран.
Од средината на декември во болница беше и Игор Богданоф.
Браќата станаа популарни во осумдесеттите преку една од првите научно-фантастични серии во Франција наречена „Temps X“ на каналот TF1, каде што гледачите со задоволство ги следеа нивните авантури во специјални, футуристички одела.
Многумина им се потсмеваа за начинот на кој нивните лица се трансформираа, верувајќи дека биле подложени на бројни пластични операции, но тие себеси се сметале за „вонземјани“.
Како презентери и најавувачи, тие работеа на различни британско-американски серии кои се занимаваат со научна фантастика и популарни научни прашања, како што се “Зоната на самракот“, “Ѕвездени патеки“, “Затвореникот“, “Доктор Ху“ и Battlerstar Galactica, доближувајќи ги до француската и франкофонската публика.
Нивната научна работа наиде на големи критики и низ научната заедница, пишува Le Soir.
Имено, и двајцата се теоретски физичари, но дипломирале со минимална преодна оценка, а дел од нивните трудови од областа на космологијата биле оценети како крајно сомнителни.
Меѓутоа, во 2005 година тие добија ангажман на белградскиот приватен универзитет Мегатренд, кој го основаше контроверзниот Миќа Јовановиќ.
Таму тие беа прогласени за шефови на Одделот за космологија и ја основаа лабораторијата за космологија Мегатренд.
Јавноста отсекогаш се забавуваше со нивните лица кои беа благо кажано неприродни, со исклучително изразени јаболчници, поради што многумина веруваа дека направиле бројни пластични операции.
Но, тие секогаш го негираа тоа.
Исто така, медиумите забележаа дека нивните усти „пораснаа“ во 90-тите, а растот продолжи цела деценија.
Во последниве години, тие станаа еден од симболите на сферата на криптовалутата бидејќи често се појавуваа на онлајн „мемиња“ откако Гричка се пофали дека учествувал во создавањето на Биткоин.
Вистинските имиња на браќата се Игор Јурјевич и Григориј Јурјевич Остасенко-Богданов. Нивниот татко е рускиот уметник со татарски потекло Јуриј Михајлович Остасенко-Богданов (1928-2012), внук на офицерот Борис Богданов, кој починал за време на Октомвриската револуција. За време на Втората светска војна, 13-годишниот Јуриј Богданов завршил на окупирана територија и бил депортиран на принудна работа во Германија. Оттаму успеал да се пресели во Шпанија, а по војната останал во Франција.
Игор имаше шест деца, а Гричка четири деца.