Нашиот најпознат епидемиолог, професорот д-р Драган Даниловски, во интервју за Би-Би-Си, направи мала ретроспектива на справувањето на нашата земја со пандемијата од корона вирусот.
Од почетокот на оваа пандемиска криза, тој е еден од најекспонираните наши стручњаци и укажуваше на последиците доколку не се придржуваме кон мерките кои беа предвидени за справување со вирусот.
Како што и потенцира во интервјуто за еден од најпознатите светски сервиси, почетното справување одело добро, но потоа, кога мерките се релаксираа, граѓаните не покажаа доволна одговорност и свесност, што резултираше со нов пандемиски бран, или продолжение на првиот, кој беше многу посилен од претходно, а трае како своевидно плато и денес.
„Тргна лавина! Социјална дистанца не се одржуваше. Маски не се носеа, се случуваа масовни собири. На 27 мај се случи отворање на баровите, кафеаните, кафулињата, обложувалниците и бројот на случаи почна наеднаш нагло да расте.
Што е причината за ваквиот развој на настаните? Пред сè, тоа е попуштањето на рестриктивните мерки, во комбинација со тотална недисциплина на граѓаните во врска со почитувањето на мерките на лична заштита.
Епидемиолошките ризици дополнително пораснаа, ако сакате, и заради актуелните предизборни собири. Средновековните рестриктивни мерки, тоа значи, ограничување на движењето, постигнаа најголем ефект. Лоша страна е што такви рестрикции не можат подолго време да се одржуваат.
На подолг рок, мора да се смета на свеста и совеста на граѓаните. Од почетокот на јули, бројот почна да се намалува. Дали тоа е случајна варијација, па можеби потоа ни следи пораст, јас не знам.
Би биле потребни недели и недели за да можеме да сметаме на дневен број на заразени, кои би можеле да ги изброиме на прстите на една рака.
Заедничка карактеристика на сите нас, кои сме во овој регион, би рекол, во овој котел наречен Балкан, e што сме еден систем на врзани садови.
Влошувањето во еден дел од тој систем, ќе се одрази и во сите останати негови делови“, изјави професорот Драган Даниловски за Би-Би-Си.