ЗОРАН МИХАЈЛОВ
-Дарлев покрај учеството на две Олимпијади-Минхен 1972 и Монтреал 1976 година,во кариерата освои 4 медали на Балканијадите, три на Медитеранските игри, а беше трет и на Европското младинско првенство.
-Како селектор даде голем придонес во освојувањето на олимписката бронза на Ибрагимов во Сиднеј 2000-тата година
Ако се вратиме години наназад и погледнеме во нашата боречка историја,ќе сретнеме едно име кое остави навистина голем печат во македонскиот боречки спорт. Тоа е Ристо Дарлев, момчето од Костурино кое со доаѓањето на школување во Скопје практично без да планира и да има н некакви амбиции, ја почна својата богата спортска кариера. Како и сите деца во тоа време, некаде кон средината од 60-сеттите години од минатиот век, така и Дарлев почна да ја „шутка“ топката. Тогаш веројатно посакувал да биде фудбалер, но судбината благодарејќи пред се на основоположникот на современото слободно борење во Македонија – Ристо Таков, го одведе сосема на друга страна.
-Кога од Костурино дојдов во Скопје посакував да играм фудбал,зашто овој спорт во тие години, како што впрочем е и сега, беше најпривлечен за младите. За ФК Вардар сите знаеја, па желба на децата,особено од мојата возраст, посакуваа да се зачленат во нашиот фудбалски бренд. Јас,иако малечок, како селско дете бев многу жилав, па така во играта не им попуштав на посилните. Се борев, трчав, едноставно играв со љубов.
Но,што се случува натаму?
На еден тренинг го гледал Ристо Таков и веројатно забележал нешто кај него ,па по тренингот дошол и му рекол:
-Момче. ти си многу жилав и брз, има нешто спортско во тебе, дали сакаш да станеш борач?
Ова за Дарлев било како „гром од ведро небо“. Во тој момент кај него се појавила колебливост – дали да продолжи со фудбал или да оди во борењето, бидејќи ова му го предлага најпознатиот боречки тренер во Македонија-Таков.
Зелениот терен,заменет со душекот
Ристо Дарлев веќе следниот ден оди на тренинг со борачите на Скопје за да види како изгледа сето тоа.
-Да кажам дека ново за мене беше само тоа што излегов на душек и присуствував на вистински боречки тренинг. Инаку,ј ас во Костурино уште како дете имав контакт со борењето. Таму на Петровден се одржуваа боречки натпревари, па татко ми како голем мераклија, ме носеше и мене да се борам на Петровденските приредби.Така го засакав овој спорт, но тогаш не помислував дека токму борењето ќе биде мојата судбина.
Така почнува боречкиот живот на подоцнешниот шампион и тренер. Зелениот терен е заменет со душекот на кој подоцна ја доживува својата вистинска слава.
-Меѓутоа,што се случи подоцна, се сеќава Дарлев и додава:
-Јас и не знаев дека има повеќе боречки клубови и мислев дека сите борачи се на едно место во еден клуб. Така, по неколку денови кога минував покрај Партизан 3, кај Градскиот стадион видов дека и тука тренираат борење. Го прашав тренерот, тоа беше Бојан Рангелов кој ги водеше борачите на Вардар, дали може да тренирам. Тој рече дека нема проблеми. Јас му објаснив дека имам неколку тренинзи во Автокоманда со Таков, но бидејќи живеам тука во близина на Партизан 3 повеќе би ми одговарало овде да тренирам .Т ака без да знам дека тоа ќе има некакви реперкусии дојдов во Вардар и практично, кога Таков слушна што сум направил се налути и се потскара со Рангелов. Но,на крајот се добро се заврши,зашто и двајцата имаа иста желба – да создадат што повеќе квалитетни борачи.
По три недели тренинг веќе Дарлев се најде на душекот на еден официјален натпревар,што се одржуваше во ЕМУЦ во Автокоманда.
-Да бидам искрен, јас и не знаев дека има различни тежински категории, мислев дека сите се едно. Затоа и не внимавав на тежината. Дури пред натпреварот во мензата од студентскиот дом се најадов гравче ,па кога отидов да се мерам бев половина килограм потежок од оние 52 кг. во која категорија тренерот планирал да се борам. Но,поради тој вишок од килограми отидов во потешка категорија,за која пак бев многу полесен од другите. Сепак,тоа не ми пречеше во своето деби да го освојам третото место. Ова за мене беше голем поттик и веќе бев решен целосно да у се посветам на борењето.
Први медали од Балканијадите и Медитеранските игри
Од тие моменти почнува кариерата на еден од нашите најтрофејни борачи. Дарлев на изборното првенство за состав на југословенската репрезентација го освојува првото место и со 17 години во 1969 година настапува на Балканијадата во Истанбул. Овде го освојува третото место и бронзениот медал.
-Во борба за првото место иако водев против Гркот Хаџијоанидис, на крајот загубив. Со него во кариерата имав уште многу дуели, некагош јас, некогаш тој победуваше. Но, мечевите секогаш беа интересни, а потоа уште долго време се среќававме и станавме добри пријатели, бидејќи тој беше тренер на грчката,а јас на нашата репрезентација.
Следната 1970-та година на Балканијадата во Солун, Дарлев оди едно место погоре и го освојува сребрениот медал. Истата година го имаше првиот настап и на едно Европско младинско првенство.Во Хускварна во Шведска стигнува до 5-тото место, што претставуваше голем успех. Во 1971 година на Медитеранските игри во Измир е втор и го освојува првото медтитеранско „сребро“.
Потоа, се нижат многу настапи и победи. На Балканијадата во Анкара – 1971 година повторно е на пиедесталот на второто место. Оваа година за него беше една од најуспешните – на Европското младинско првенство на Хвар го освојува третото место. Бронзениот медал беше најава дека на него може да се смета и за настап на Олимпијадата во Минхен 1972 година. И навистина така беше-резултатите што ги постигнуваше му ја отворија олимписката врата и тој заедно со покојниот Салиовски го сочинуваше вториот наш боречки олимписки тандем по оној првиот од Мексико -1968 во состав Борче Димовски-Симеон Шутев.
-Бев возбуден и задоволен што ми се оствари сонот – на 20-годишна возраст да учествувам на најголемиот светски спортски собир. Во Минехн бев заедно со Салиовски, а селектор ни беше Бојан Рангелов. Тогаш на кормилото не се наоѓаше Ристо Таков,з ашто претходната година тој замина за Сенегал, па во Минхен беше дојден како тренер на борачите од оваа африканска земја.
Пласмани на две Олимпијади
На Олимпијадата во Минхен која сите, па и Дарлев ја паметат по оној терористички напад во олимпиското село,кога беа убиени 12 израелски спортисти, тој го имаше своето огнено крштевање.
-Тоа беа стравични моментикои оставија трага на целата Олимпијада. Јас посебно бев тажен зашто меѓу загинатите имаше најмногу борачи, со кои заедно трениравме. За среќа мојот ривал во категоријата до 52 кг. со кого најмногу се дружев и спарингував остана неповреден. Подоцна често се гледавме на натпреварите и со солзи на очите се потсетувавме на тажните минхенски денови.
На таа Олимпијада –Дарлев по стартниот пораз имаше победа,потоа беше слободен за во 4-тото коло да доживее пораз од Германецот Маер. На крајот се пласираше на 11-тото место.
Желбата на Ристо Дарлев беше да учествува и на следната Олимпијада. Затоа,неуморно тренираше,иако често доаѓаше и забрана од спортските лекари,кои се сомневаа во неговото срце.
-Тоа депримирачки делуваше врз мене, но утехата доаѓаше по преглдите во спортскиот центар Кошутњак во Белград каде што двајца врвни спортски лекари Медвед и Смодлака по деталните прегледи го ставаа својот потпис и ми даваа виза да настапувам.
Иако сето тоа делуваше на мојата психа настапував и се борев да докажам дека сум подготвен да издржам и најголеми напори. Така,дадов придонес, како засилување, за освојувањето на Балканец на второто место во
Купот на европските шампиони, а во вториот настап на Медитеранските игри во Алжир 1975 година го освоив бронзениот медал.
-На Светското првенство во Минск, пак се случи чудо. По стартните победи над светскиот првак од Иран и вицепрвак од ДРГ, потоа загубив од еден анонимен борач и бев елиминиран! Така шансата за висок пласман пропадна.
-Сите овие резултати повторно ми ја отворија вратата за настап на Олимпијадата,овој пат во Монтреал 1976 година.Откако стартував со две победи,доживеав два пораза од старите познаници Бухерт (ДРГ) и Хаџијоанидис (Грција) ,па така на крајот се пласирав на 10-тото место.Жалам што и овде од Гркот загубив во финишот,па така пропадна шансата за подобар пласман,дури и во првата петорка.Но,таков е спортот…
Ристо Дарлев ја продолжи кариерата со успешни настапи.Тој го освои и златниот медал на Медитеранските игри во Сплит, беше прв и на предолипискиот турнир во Торино, но зошто не се најде на списокот на патниците за ЛОИ во Москва – 1980 година и денеска не му е јасно. Исто така беше изоставен од репрезентацијата за СП во Скопје – 1981 година. Смета дека овие две неправди влијаеле предвреме да се збогува од активното борење.
Брозата“ на Моги,лек за сите неволји!
Во 1994 година Ристо Дарлев се враќа во македонското борење, овој пат како селектор на кадетската,а потоа и како тренер на младинската репрезентација .
-Ги засукав ракавите,вели Дарлев,одбрав една квалитетна кадетска екипа и веќе на првиот настап на СП во Чикаго имавме едно 4 и едно 5-то место. Потоа од СП во Дуисбург се вративме со сребрен медал и едно 6-то место. Во меѓувреме му помагав на Шоров кој беше селектор во младинската репрезентација, за конечно во 1998 година да бидам назначен за селектор на сениорската репрезентација на Македонија.
Овде Ристо Дарлев ги покажува своите вистински тренерски квалитети и со Могамед Ибрагимов го освојува бронзениот медал на Олимпијадата во Сиднеј во 2000-тата година.Тоа е и единствениот медал за нашата држава по осамостојувањето,со што „бронзата“ добива уште поголемо –историско значење.
-Патот до успехот беше многу тежок. Пред настапот во Сиднеј ја бркавме нормата на 5 турнири во Белорусија, Германија, Јапонија, Мексико и Египет. Можете да замислите каков напор беше тоа. Затоа откако веќе се најдовме во Сиднеј бевме решени да не ја испуштиме шансата. Кога беше најпотребно со Иранецот Кадем и Американецот Бартон Моги се избори велемајсторски и го освои третото место и бронзениот медал. Тоа беше радосен момент за цела Македонија, а за мене посебно зашто оваа „бронза“ како да ми ги залечи сите рани од претходните неправди.
Тоа беше спортската приказна за еден од нашите најдобри спортисти Ристо Дарлев, кој пак во самостојна Македонија е единствен тренер-селектор со освоен олимписки медал.
Лична карта-Ристо Дарлев
Роден во 1952 година во Костурино,Струмичко
Кариера: БК Скопје,Вардар и репрезентација на Југославија
Успеси:10 и 11 место на ЛОИ во Минхен и Монтреал, трет на ЕП за младинци,4 медали од Балканијадите и 3 медали од Медитеранските игри, екипен европски вицешампион со Балканец
Тренерска кариера: Тренер-селектор на сениорската репрезентација на Македонија – 3 место со Ибрагимов на Олимпијадата во Сиднеј 2000 година, селектор на кадетите на Македонија – второ место од СП во Дуисбург, тренер на македонската младинска репрезентација
Незаборавниот Ќосиќ
Од многуте настапи на светските приредби на Дарлев во посебно сеќавање му е Олимпијадата во Минхен.
-Тогаш бев во друштво со најголемите асови на југословенскиот спорт, вели Дарлев.
-Бев импресиониран од непосредноста на кошаркарскиот ас Ќосиќ. Тој често знаеше да дојде кај мене, да ме крене на раце и во шега да рече: што борач ќе беше ова…
Јас во тие моменти бев пресреќен. Ќосиќ за мене беше спортски идол и легенда, како што впрочем беше и за сите други спортисти.
Тренер во Батинци
Еден период од своето учелствување Дарлев мина и во селото Батинци,скопско.
-Овде формирав боречка секција,потоа и клуб, бидејќи во селото имаше големо ингтересирање за борењето,а тука во непосредна близина е и Студеничани, каде борењето има вековна традиција. Децата беа вљубени во борењето, а сето тоа придонесе да стигнеме до третото место во екипна конкуренција во Македонија.
Признанија
Ристо Дарлев за своите постигнувања се најде и на списокот на великаните на МОК, а тој е носител и на државната награда „8 Септември“,што се доделува за посебни постигнувања и афирмација на спортот.