Откако беше донесена одлуката со која летните попусти низ цела Италија почнуваат на 1 август, трговците почнаа со т.н. меѓусезонски попусти, со цел некако да ги испразнат магацините, сè уште полни со пролетна облека што немаше шанса да биде изложена, пренесува РТС.
Сепак, најважната причина е обидот на трговците да заработат барем нешто, со оглед на огромните загуби во овој сектор, како резултат на двомесечната изолација. 90% од продавниците, кои се отворени од 18 мај, водат многу сериозна борба за опстанок преку разни попусти што ќе траат до 2 јуни.
Пред некои продавници во Милано се поставени мали столбови со ленти кои означуваат каде треба да се формира редица, во која може да застане едно по едно лице, додека продавачите на влезот бројат колку лица влегле. Секоја продавница има определено максимален број на дозволени клиенти во моментот, а тој зависи од големината на продавницата.
Бидејќи нема туристи, а сè уште постои страв од инфекција кај жителите, во продавниците нема многу купувачи, без оглед на попустите од 20 до 70 проценти.
Многу продавници не се ни отворени, а во повеќето градови е затворена една од три продавници. Голем број помали продавници веќе нема да можат да ги отворат своите врати.
Од друга страна, познатите светски синџири т.н. фаст фешн, главно се отворени со посебна влезна врата, каде што лице одговорно за безбедноста ја мери температурата на клиентите, им додава гел и им дава нараквици. Исто така постои и посебна излезна врата.
Во многу продавници не може да се проба облеката и пред соблекувалните има лента на која пишува „забранет влез“, а во оние каде што може да се пробаат работите, истите тие облеки одат во „карантин“ сè додека не бидат дезинфицирани.
Италија се уште бавно излегува од карантин, многу клиенти се фокусираа на купување преку интернет, има многу луѓе кои се плашат од вирусот и сè уште не ја напуштаат куќата, освен за некоја важна причина. Тие не сакаат да допрат облека што некој пред нив ја допрел. Ситуацијата е слична насекаде, па трговците се надеваат дека со драстичното опаѓање на бројот на заразени, луѓето ќе почнат да се враќаат во нормалниот живот и да купуваат.