Шеесет и седумгодишниот Д. Ѓ. од кумановското село Габреш, кој е осомничен за двојното убиство на сестра си и внукот и обид за убиство на другиот внук, бил пронајден мртов во притворското одделение во Казнено-поправната установа Куманово – затвор К’шање. Д. Ѓ. се обесил, откако со чаршаф се врзал за кревет на кат, додека во притворската ќелија имало уште еден притвореник кој спиел.
Од МВР го потврдија случајот, но не сакаа да дадат повеќе информации, со образложение дека станува збор за самоубиство.
Д. Ѓ. во притвор го чекал судењето за двојно убиството и обид за убиство, кое требало да започне откако ќе заврши истрагата, бидејќи се работело за обемен предмет.
Двојното убиство кое го изврши Д. Ѓ. се случи на 21-ви февруари годинава во селото Габреш, кога по расправија со двајцата внуци и сестрата извадил пиштол кој го поседувал со дозвола пукал кон нив. Во пукањето се убиени мајката и едниот син, а тешко бил повреден другиот син.