Еден од најпопуларните фолк пејачи во Македонија, Благоја Грујовски неодамна го победи коронавирусот и сега се опоравува во домашни услови.
Тој за Екран раскажа низ каква голгота поминал иако не верувал дека ќе биде толку тешко. Вели дека неговата 82-годишна мајка го поминала вирусот на нога, а тој морал да биде хоспитализиран зашто бил во критична состојба.
– Веќе сум дома и се чувствувам многу подобро. Следува период на зајакнување и враќање во форма. Првиот симптом ми беше болка во телото, а потоа треска. Како и повеќето здрави луѓе, јас бев убеден дека вирусот не може да стори ништо кај мене, што е голема заблуда. Додека членовите на моето семејство поминаа со благи симптоми, мајка ми скоро никакви, јас ја минав најголемата голгота во мојот живот. Престојував во два ковид центри (кратко во „8 Септември“) и потоа во „Аџибадем Систина“. Немам зборови да изразам благодарност и пофалби за луѓето што се борат за секој пациент секој ден. Особено сум благодарен на д-р Патриција Каламарас и на целиот тим во одделот на „Аџибадем Систина“, каде ме одведоа во многу тешка ситуација, – вели Грујовски за Екран.
Тој сведочи дека ковид-19 влијае врз психата на секој пациент, а особено бил загрижен по смртта на неговите колеги Ице и Горан.
– Ја научив лекцијата за вирусот корона на потешкиот начин, веројатно затоа што имав заблуда и покрај сите предупредувања, -додава популарниот пејач.