Поранешниот натпреварувач во квизот „Семејни расправии“, 39-годишниот Тимоти Блифник е обвинет дека ја убил својата сопруга три години по појавувањето во познатата емисија. Во емисијата водителот Стив Харви го прашува Тимоти: „Која е твојата најголема грешка што си ја направил на својата венчавка“. Тој одговара: „Душо, те сакам, но – „кажав да““.
Водителот го погледнал чудно, а останатите натпреварувачи и публиката се смееле. Тимоти набрзо рекол: „Не е моја грешка, не е моја грешка. Јас ја сакам својата сопруга. Си направив проблем со ова што го кажав, зарем не?“. Емисијата се емитувала во 2020-та година, а сопругата на Тимоти е пронајдена мртва на 23-ти февруари 2023-та година.
Блифник на 13-ти март е обвинет по две точки за убиство од прв степен поради смртта на Ребека Блифник и упад во куќата, според судските документи. Како што се наведува, тој ја застрелал Ребека повеќе пати. Парот имал три деца. „Тоа не било случаен чин на насилство“, рекол Џош Џонс, главен адвокат на државниот обвинител во округот Адамс, на прес-конференција, пренесува „People“. Меѓутоа, адвокатот на Тимоти, Кејси Шнак, за „E! News“ потврдил дека неговиот клиент планира да се изјасни како невин на своето судско сослушување подоцна овој месец.
Според зборовите на неговиот адвокат, Тимоти веќе бил разделен со својата сопруга две години откако се појавил во епизодата на „Семејни расправии“ во 2020-та година.
Неговиот адвокат додал: „Тоа е само шоу. Глупав одговор на глупаво прашање во глупава емисија не прави еден човек убиец“.