Џејмс Гандолфини почина во 2013 година, а остана запаметен по улогата на Тони Сопрано, која всушност му го одбележа животот.
Животот на американскиот актер дефинитивно го одбележа улогата на мафијашкиот бос Сопрано, за која повеќепати беше наградуван и фален.
Но, додека неговата актерска кариера блескаше и наградите доаѓаа во неговите раце, Џејмс речиси до неговата смрт во 2013 година, водел битки за кои само малкумина знаеле. Неговата зависност од тешки дроги и алкохол во времето на снимањето на „Сопранови“ била толку силна што водечките луѓе на „HBO“ се плашеле дека тој ќе умре на сетот, среде снимањето, што е објавено во книгата на Џејмс Ендру Милер, „Tinderbox: HBO’s Ruthless Pursuit of New Frontiers“, која беше објавена 8 години по смртта на Џејмс.
Неговите демони се појавиле веднаш штом започнал да го игра Тони, односно пред 25 години, поради што на самиот сет имал многу проблеми за кои јавноста не знаела.
„Бевме загрижени за животот на Џејмс цело време додека снимавме“, изјавил Џеф Бјукс, кој беше на чело на „HBO“ од 1995 до 2002 година. „Моравме да ја прекинеме продукцијата во неколку наврати поради кокаинот што тој го консумираше“, признал тој.
Така, се покажало дека проблемите на Тони на екранот честопати биле исти како оние на Џејмс во реалниот живот.
„Џејмс во неколку наврати сакаше да ја напушти серијата бидејќи сфати колку е штетна за неговото здравје. За целосно да го сфати ликот на Тони, мораше да загребе во својата најтемна страна“, заклучил авторот на книгата.
Во едно од подоцнежните интервјуа, Џејмс опишал како започнал да се бори со зависностите кога имал само 18 години, па дури и бил уапсен поради консумирање дрога.
На доделувањето на наградите „Златен глобус“ во 2005 година дошло до инцидент каде требало да врачи награда на колега, но никој не можел да го најде Гандолфини пред да излезе на сцената. Потрагата завршила по извесно време кога го пронашле Џејмс како прави снежни ангели во снег кој го немало, на паркингот пред салата каде што се доделувале наградите.
„Беше толку под влијание на сè што не ни забележа дека воопшто нема снег“, се открива во споменатата книга.
После тоа, колегите од серијата сфатиле дека тој ја преминал секоја граница и решиле да интервенираат во неговиот стан во Њујорк, каде што живеел со семејството. Но, тој не сакал ниту да слушне за тоа, одбил помош и им се налутил на сите. Тогаш им рекол на продуцентите дека можат слободно да го отпуштат и потоа побегнал од станот.
Џејмс ненадејно почина на 51-годишна возраст, во Рим на 19 јуни 2013 година, од каде требаше да отпатува за Сицилија за да добие награда на Филмскиот фестивал во Таормина. Откако го поминал денот со своето семејство во разгледување на градот во кој тогаш владееле високи температури, Џејмс вечерта бил пронајден онесвестен на подот во хотелската бања од неговиот тогаш 14-годишен син Мајкл. Хотелските работници повикале Итна помош, но 20 минути по пристигнувањето во болница била констатирана смрт, а обдукцијата покажала дека починал од срцев удар.
Колку тој беше ценет како актер се виде откако веста за неговата смрт се прошири, па тогашниот гувернер Крис Кристи им нареди на сите државни згради во Њу Џерси да ги истакнат знамиња на половина копје во чест на Џејмс кога неговото тело беше вратено во САД. Еден ден откако почина, легендарниот музичар Брус Спрингстин и „E Street Band“ му посветија изведба од нивниот албум „Born to Run“.
Телото на Џејмс беше вратено дома на 23 јуни, а три дена подоцна светлата во театрите на Бродвеј, каде што тој исто така глумеше, беа пригушени во негова чест.
Што се однесува до љубовниот живот, Џејмс во 1999 година се ожени со продуцентката Марси Вударски и со неа го доби синот Мајкл, но се разведоа во 2002 година. Шест години подоцна се ожени со Дебора Лин, која ја роди ќерката Лилијана.