Металната ограда повторно ќе биде поставена околу владината ограда во центарот на Скопје – одлучи вчера Владата. Откако била отстранета наместо да се пренамени соодветно како што беше најавено, завршила под надворешни влијанија во објектот на касарната Илинден. Владата ја задолжи Службата за општи и заеднички работи СОЗР да започне постапка за враќање.
Истовремено директорот на СОЗР Ивица Томовски информираше дека оградата била несоодветно чувана под надворешни влијанија во објектот на касарната Илинден, за што ќе направат и дополнителна проценка.
– Владата ја задолжи Службата за заеднички и општи работи да ја врати оградата која беше поставена околу владината зграда, но насилно извадена од страна на претходната власт и заменета со дотраени полициски огради наменети за разбивање на граѓански собири.
Оградата е лоцирана и истата е во незавидна состојба, што може да се види и од фотографиите. Она што е посебно фрапантно е акутната негрижа кон државниот имот.
СОЗР ќе направи напори со сопствени сили да ја стави оградата на нејзиното вистинско место во најкус период, објави Томовски на социјалните мрежи.
Дваесет месеци откако го почна мандатот, тогашната Влада на екс-премиерот Зоран Заев го исполни ветувањето дека ќе ја отстрани оградата околу својата зграда, со образложение дека објектот треба да биде отворен за граѓаните. Се сруши само нејзиниот метален дел, а бетонските столбови останаа.
Тогаш Заев најави дека за отстранување на оградата нема да се трошат пари на граѓаните, туку ќе бидат искористени, како што рече, внатрешни ресурси, односно постојните капацитети на службите во рамките на Владата.
Оградата ја постави претходниот владин кабинет на екс-премиерот Никола Груевски и според информациите од медиумите од тој период, ја плати 700 илјади евра. Таа е дел од проектот „Скопје 2014“, заедно со реконструкцијата на фасадата на владиното седиште.
Поставувањето на метална ограда околу објектот на Владата предизвика бројни реакции во јавноста. Во тој период пред Владата се случуваа масовни протести, кои започнаа по објавување на прислушуваните разговори или т.н. „бомби“ објавени од тогашната опозиција.