Да почнеме со една бесрамна атеистичка шега, со која се опишува средбата на Исус Христос со Господ и Светиот Дух.
– Здраво татко – вели Исус – тоа сум јас, односно ти или тој.
Овој виц на пластичен начин го објаснува концептот на Светото тројство, каде Таткото, Синот и Светиот Дух, се во исто време различни битија, но и една целина.
Концептот на Светото тројство е се разбира најинтересниот сегмент од христијанството и е инспирација за најубавите и најинтересни филозофски творби, но и причина за поделби, шизми, ерес и на крајот поделба на христијанството на повеќе делови.
Може да продолжиме со вицот кој веројатно сите веќе го знаат. Кога градоначалникот Зоран Заев се среќава со премиерот Зоран Заев и со министерот за финансии Зоран Заев.
– Здраво Зоки, тоа сум јас Зоран, односно Заев.
Ќе има проблем градоначалникот Заев, оној што ја поведе ненасилната револуција составена од толпата на обесправени и гневни граѓани, да се разбере со Таткото и Светиот Дух, пардон со премиерот и министерот. Измачен до агонија, ќе ги запраша зошто го напуштиле и зошто го изневериле. Додека тој со своите апостоли ја крстосуваше земјата, охрабрувајќи го македончето да стане Македонец и да биде одговорен за својата судбина, па со пенкало да сруши режим, додека во преостанатите двајца речиси никој и не веруваше. Тешко беше да се замисли во оние денови на потполна блокада на демократијата, дека градоначалникот ќе стане премиер, а дека во исто време ќе биде и министер. Е тоа веројатно не го знаел ниту Господ.
Нормално дека никој не знаеше дека премиерот ќе се нафати да ја врши министерската фунција, особено ако се има предвид дека пред само четири месеци и тоа на предлог дојден од владата, изгласани се законски измени со кои на премиерот му се забранува во исто време да биде и министер.
Ќе се запраша некој што го советуваат Заев 56-те советници во неговиот кабинет или што го советувал премиерот извесен Христијан Ѓоргиевски, кој е советник за односи со Собрание на РМ и законодавство? Можеби токму тој, ако не Алекс Ружин, Џезаир Шаќири или Драгиша Милетиќ, тогаш можеби баш советникот во чија надлежност се односите со собранието и законодавството би требал да ги седне Зоран и да го одврати од концептот на Холи тринити.
– Законот што Зоки ти го предложи, беше најавен од оној Зоки, односно ти – веројатно вака некако требало Ѓоргиевски да го советува својот шеф, зошто градоначалникот Зоки, откако конечно го доби мандатот од Понтије Пилат, се извинувам од Ѓорѓи Иванов, јавно од собраниската говорница порача дека кога ќе стане премиер нема намера да глуми министер наместо своите министри, како што тоа го правеше неговиот претходник, Никола Груевски.
– Здраво Зоран, тоа сум ја премиерот, односно Никола – овој нераскажан виц денеска не е смешен, а би можел да стане страшен за извесен период.
Преземено од Фејсбук