Вишиот суд во Белград на таткото на момчето кое уби осум ученици и чувар во училиштето „Владислав Рибникар“ му одреди 30-дневен притвор, соопшти судот
Адвокатката на Владимир К., чиј син К. К. (13) уби девет и рани седум лица во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград, изјави дека оружјето и муницијата на осомничениот биле обезбедени со закон.
Ирина Боровиќ изјави дека Владимир К. ги чувал муницијата и оружјето кои биле пронајдени согласно прописите, како и дека има соодветни дозволи за целото оружје и дека е член на Спортскиот сојуз, пренесува Б92.
“Целото оружје легално се поседува, обезбедено, заклучено, под шифри, дури и дополнително обезбедено во однос на она што го пропишува законот“, посочи Боровиќ.
Боровиќ, во името на семејството на Владимир К. и неговиот син, изрази сочувство до семејствата на убиените и побара од медиумите да бидат повнимателни кон семејствата на убиените и осомничените.
Според Боровиќ, таткото Владимир К. дури сега го дознал вистинскиот размер на овој настан.
Вишиот суд во Белград на таткото на момчето кое уби осум ученици и чувар во училиштето „Владислав Рибникар“ му одреди 30-дневен притвор, соопшти судот.
Притворот му е одреден поради „постоење на посебни околности кои укажуваат дека може за краток временски период да го повтори кривичното дело, како и поради тоа што за кривичното дело што му се става на товар е предвидена казна затвор над десет години, а начинот на извршување и тежината на последиците од кривичното дело доведоа до вознемиреност на јавноста, која може да го загрози непреченото и правично водење на кривичната постапка“.
Фото: Andrej ISAKOVIC / AFP / Profimedia