Доцна синоќа, околу 22:30 часот изгаснат големиот шумски пожар над велешкото езеро Младост, во кој по 11 часа дивеење на огнената стихија од која постоеше опасност да се зафатат и околните населби, изгоре површина од 400 хектари од кои половината со борова шума и 200 хектари под сува трева.
Во гаснењето на пожарот учествуваа пожарникари од Велес, Свети Николе, Штип, Кавадарци, Неготино и Скопје, како и два канадери на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) и еден армиски хеликоптер. Ним напомош им дошле и околу 150 вработени од ЈП „Македонски шуми“ и стотина вработени од велешкото јавно комунално претпријатие „Дервен“ со цистерни, припадници на АРМ.
Од полиција за денеска најавија детали за сторители на пожарот. Вчера се приведени четворица и според првичните сознанија, пожарот бил предизвикан поради невнимание. Четворица вработени во браварска работилница работеле со брусилица, при што од искра се запалила блиската трева, а огнот бргу се проширил и предизвика огромна штета.
Од синоќаво 19:40 сообраќајот на патниот правец Скопје-Велес, кој привремено беше пренасочен поради пожарот, е нормализиран.