Болница во Еквадор во петокот ја прогласиле за мртва 74-годишната Бела Монтоја, откако била примена во болница поради последици од срцев удар.
Неколку часа подоцна, семејството го отворило ковчегот и сфатиле дека жената се уште дише.
„Полека го обработувам тоа што се случи. Сега сакам само да се подобри здравјето на мајка ми. Ја сакам жива и со мене“, рекол нејзиниот син Гилберт Балберан. Жената се уште е на одделението за интензивна нега и е под медицински надзор, пишува Ел Универзо.
„Мајка ми е на кислород. Нејзиното срце е стабилно. Докторот ја штипна за раката и таа реагираше. Ми велат дека тоа е добро, бидејќи тоа значи дека реагира малку по малку“, рече Гилберт.
Лекарот од болницата Мартин Иказа во петокот напладне му го предал телото на семејството бидејќи, како што тогаш тврделе од болницата, таа починала.
„Ни дадоа дури и потврда за смртта“, изјави Гилберт, кој морал да собира донации за да го организира погребот.
Бела останала во ковчегот од 14:00 часот до 18:30 часот, кога семејството го отворило ковчегот за да го подготви телото за бдеење. Тогаш нејзиниот син и остатокот од семејството сфатиле дека жената се уште дише. Видеото е објавено на социјалните мрежи, а на него се гледа како жената ја движи устата и се обидува да здивне.
“Мама почна да ја движи левата рака, да ги отвора очите и устата. Се бореше да дише”, рекол Гилберт Балберан.
Локалните медиуми пишуваат дека настанот ја шокирал заедницата и дека случајот треба да се истражи и санкционира бидејќи старицата можела жива да биде закопана.
Сè уште нема официјално објаснување, ниту од болницата ниту од Министерството за здравство се огласиле за случајот.