Американскиот кошаркар Денис Родман и севернокорејскиот лидер Ким Џонг Ун, не кријат дека се во исклучително добри односи, а до нивното познанство дошло на иницијатива на Ким, кој што има голема страст кон кошарката, НБА лигата и Чикаго Булс.
„Тоа е врска за цел живот. Се започна една вечер со неколку шишиња вотка, со караоке“ – изјавил Родман, кој ја прифатил понудата која што Мајкл Џордан ја одбил и отпатувал за Северна Кореја, земјата која што не е во најубави односи со САД.
„Мислев дека ќе сликам, ќе делам автограми и ќе играм кошарка. Не знаев ништо за Северна Кореја. Му реков на мојот агент: Јас ќе одам таму само ако ми е загарантирана безбедноста. За мене беше одлично уште од првиот момент, кога се симнав од авионот и зачекорив на црвениот тепих.“ вели Родман.
Петкратниот НБА шампион се сеќава и на една необична ситуација, за време на еден натпревар.
„Повеќе од 22.000 луѓе од Северна Кореја станаа и почнаа да ракоплескаат. Возвратив и некој ми вели: „Не, не е за вас, тоа е за него“ и укажува на Ким Јонг Ун. Го прашав: „Кој е овој човек?” Тие велат: „Тоа е нашиот лидер“.
По натпреварот, Ким Џонг Ун лично го поканил Родман на „вечера, караоке и вотка“.
„Вечеравме и пиевме како луди. Тогаш тој почна да пее караоке и не се сеќавам што кажа. Сите почнаа да ракоплескаат, па потоа излезе бенд со 18 млади девојки. Беа прекрасни, но ја свиреа само една песна цела вечер“ – изјавил Родман.
Инаку, Родман се смета за делумно заслужен за историската средба на Доналд Трамп и Ким Џонг-Ун, која беше одржана на почетокот на минатата година, а претседателот на САД јавно му се заблагодари на тоа.