Бугарија со децении е најпријателската земја на Македонија. Не постои едно дете во Македонија, кое не знае дека источниот сосед е првата држава во светот што ја призна независноста на Македонија.
Така беше на 15 јануари во 1992 година, а поддршката не стивнуваше како што минуваа годините, кога братска Софија, ама баш секогаш, му се наоѓаше на своето Скопје. Ембарго од Грција и санкции кон Србија, баш тогаш на пазарите се појавија избавителите од Бугарија, кои за „две чрвени“ продаваа ама баш сè. Јас имав купено патики баш за „две чрвени“ и ми траеја добар дел од ембаргото. Помошта продолжи и во конфликтот, кога АРМ доби донација од 150 тенка од 1955 година, а многумина сметаа дека бугарското немешање во деценискиот спорт со Грција, е всушност помош?!
Еве читам во весниците Бугарија повторно ѝ помага на Македонија, со тоа што процесот на преговорите со Европската Унија го условува со неколку барања. Веројатно несакајќи да се срамиме кога ќе влеземе во ЕУ, бугарската врхушка ќе инситира секое споменување на македонски јазик, секогаш да оди со фуснота дека тоа е официјалниот јазик што се користи во нашата земја. Си викаат Бугарите какви сме заборавени, сигурно нема да ни падне на памет во Брисел на тоа бирократите да им кажеме дека македонскиот јазик всушност е официјален јазик во Македонија. Значи до толку сме забегани што Бугарите сакаат и да не поштедат од грижата за нашето малцинство, во чекај да проверам, ах да нашето малцинство во Бугарија. Паметните Бугари сметаат дека нема зошто ние да трошиме пари на тамошните нашинци, бидејќи тие одамна се погрижиле истото тоа малцинство да го снема. Значи како Јапонци се организирани, секоја чест.
Тоа што е уште поинтересно е барањето на Софија, од учебниците по историја да ги избишеме сите лекции во кои се опишува борбата на македонскиот народ против фашистичкиот бугарски окупатор. Ја разбирате оваа помош? Не? Јас да.
На 11 октомври во 1941 година „пукнала првата пушка во Прилеп и Куманово“ и ние сега го празнуваме тој датум како „вооружено востание на македонскиот народ“ и празникот го користиме за викенди во Банско и Боровец. Лукративните хотелиери од Бугарија го знаат тоа добро и ги креваат цените на своите услуги, очекувајќи наплив на туристи од Македонија. Затоа доколку ги послушаме пријателските совети на нашите соседи и ова со првата пушка и бугарски фашистички окупатори го преиначиме во, да речеме, „востание против драгите Бугари“ или поточно „вооружено востание против драгите Бугари“, тогаш и аранжманите во Банско ќе поевтинат.
Има уште некои други услови на драгите – никогаш фашисти – Бугари, кои дополнително ќе ја зајакнат нашата позиција во Брисел.
Е сеа има само еден проблем. Зошто кога Србија ги започна преговорите со ЕУ, не ѝ беа поставени истите услови? На голем дел од српската територија за време на Втората светска војна е воспоставена бугарска фашистичка окупација. Така пишува во српските учебници по историја. Не знам, можеби во Србија Бугарија испраќала фашисти, а во Македонија извидници и играорци? И зошто Србите сами да објаснуваат дека српскиот јазик е официјален во Србија?
преземено од Фејсбук