Познатата грчка пејачка Маринела (86) се бори за живот откако синоќа за време на концерт се онесвести на сцената. Големата дама на грчката народна музика доживеала мозочно крварење и е во критична состојба, јавуваат локалните медиуми.
По падот Маринела наводно накратко се освестила во соблекувалната, по што била пренесена во болница.
Вознемирувачката сцена се случи веднаш по почетокот на концертот кога таа го испеа рефренот на еден од нејзините најголеми хитови „Јас и ти“.
„А ти, Боже мој, нè научи толку многу да сакаме“, гласи стихот по кој Маринела се занишува и паѓа.
Музичарите веднаш притрчаа на помош додека публиката немо гледаше што се случува.
Концертот веднаш беше прекинат. Еден од очевидците за грчките медиуми изјавил дека Маринела не изгледала добро кога се качила на бината и имала изгубен поглед.