Последната дебата пред изборите за лидер на британските конзервативци помеѓу Риши Сунак и Лиз Трас, од чии редови ќе се избере и новиот премиер, денеска беше прекината, а потоа и откажана, откако водителката се онесвести за време на емисијата во живо.
Дебатата на Sun и TalkTV, водена од новинарката Кејт Мекен, ненадејно запре на половина пат откако се слушна силен удар, а камерата ја покажа актуелната шефица на британската дипломатија, Трас, како реагира со израз на ужас на лицето.
Дебатата, која во живо ја пренесуваа TV Talk и весникот „Сан”, нагло беше прекината.
Телевизијата Talk објави дека водителката Кејт Мекен се онесвестила.
„Иако се е во ред со неа, докторот не советуваше да не продолжиме со дебатата. Им се извинуваме на гледачите и слушателите”, објави на Твитер телевизијата.
Пред ненадејната пауза, Трус и Сунак се судрија најмногу околу даноците и буџетот и што би направиле за да ги намалат трошоците за живот.