Бизнисменот Дрин Ахмети, внук на Али Ахмети, чија фирма е нов сопственик на деловниот центар „Соравија“, пред јавноста објаснуваше како дошло до идејата да се купи имотот во центарот на Скопје. Тој објасни дека дознал за долговите што ги има деловниот центар, а не може да ги врати, по што стапил во контакт со австрискиот милијардер и инвеститор Хано Соравија. Имало разговори и анализи и тогаш Дрин Ахмети решил со фирмите да го купи бизнис-центарот, но да ги исплати и долговите.
„Ние почнавме од минатата година, од април, кога испративме писмо со кое побаравме пристап до сите важни финансиски податоци за сите компании што имаат удел во ‘Соравија’. Баравме информации за да ги анализираме податоците и дојдовме до сознанија дека имаат голем долг, кој не може да го вратат. Тоа го видовме ова како можност да направиме нешто. По разговорите, одлучивме да одиме на средба во Виена, кај господинот Соравија. Таму јас ја претставив мојата компанија, мојот конзорциум. Дискутиравме за можноста како да најдеме договор во врска со имотот“, изјави Ахмети.
Тој посочи дека австрискиот милијардер и инвеститор Хано Соравија, кој остана со 10 проценти удели во бизнис-центарот, сакал партнери во бизнисот. Дрин Ахмети со фирмите нашол кредитна линија за да се платат долговите.