Корисници на социјалната мрежа Твитер предупредуваат за нова телефонска измама во земјава. Како што пишуваат тие, ако на мобилниот телефон ве побара бројот 025102*** и ако вие одговорите на повикот, тогаш автоматски ќе ви бидат повлечени пари од сметката.
Како што може да се прочита на повеќе твитови, од бројот 025102*** се јавува жена која зборува на српски јазик и која нуди бесплатен преглед на срце во еден познат хотел во Скопје.
Друг твитерџија, пак, вели дека и нему му се јавила истата жена, но овојпат таа му нудела презентација на производи за здравје.
Твитерџијата „Вујкото Ване“ тврди дека неколкупати зборувал со истата жена, но и дека јануарската сметка за телефон му била повисока за 250 денари.
Еден од корисниците испратил допис до својот мобилен оператор, а оттаму го известиле дека станува збор за фиксен број од Република Србија, но дека корисниците не подлежат на дополнителни трошоци доколку одговорат на повикот. Сепак, оттаму не откриваат како е можно српски број да го содржи префиксот „02“.
извор: Плусинфо