Се сеќавам како да беше вчера, а беше кон крајот на школската година во 1990-та, кога бев на една матурска прослава, организирана во домот на мој близок роднина.
Масата поставена со разни џаконии, гостите весели, децата трчкаат наоколу, а јас ни дете, ни возрасен, значи ме интересираат и цртани и порно во исто време, па седам блиску до главната маса и го слушам разговорот.
– Ви кажувам тоа е страшно. Пет илјади луѓе во „Сава центар“ му дојдоа на промоција. Со четнички знамиња…српски национализам…страшно…ужасно. Мене ме плаши Вук Драшковиќ, тој е голем националист. Тој ќе започне страшна војна, ние мораме да се организираме – запалено говореше еден од гостите, кој за кратко го уништи целиот штимунг.
За година или две целата атмосфера во државата беше целосно уништена, народот се подели на племиња, а националистите си добија свои партии. Војната навистина избувна, но одеше по еден друг редослед, од тоа што вознемирениот гостин го проповедаше крај богатата трпеза.
Прво „Сава центар“ во Белград не собира пет илјади луѓе, второ Вук Драшковиќ отворено говореше против војната и распадот на Југославија, трето тој никогаш не ни стана водечка политичка фигура во Србија, за да некој од него има страв.
Но, вознемирениот гостин веднаш се зачлени во македонската националиситчка партија и таму оствари завидна кариера, заедно со други членови на неговото потесно семејство. Сите тие се костумосани, избрачени, напарфемисани, се возат во лимузини, на викенд одат во Солун, на одмор на Закитнтос, а зимно време се во Боровец. Одат на семинари, се дружат со интелектуалци и ако треба и карта за во театар купуваат. Но, кога се во одбрано друштво колнат шиптари и комуњари, верглаат за напатеноста на народот кој страдал, но и сè уште страда под туѓа чизма, иако има своја држава.
Нормалниот свет се снебива од хулигани, но доколку националистите и фашистите изгледаат пристојно, тогаш на волшебен начин тие добиваат право да влезат секаде.
– Влези националисту, не се собувај – ова едно илјада пати ми дошло да го кажам, а го имам премолчено, секогаш кога на гости ќе ми дошол некој како нервозниот гостин од почетокот на приказната. Па да продолжам – влези и да ми кажеш кого да мразиме денес. Дали Албанци, Срби, Американци или Чехословаци?
И секој пат, ама буквално, се каам што едноставно на националистот не можам да му ја покажам вратата. Да го избркам од дома, како што тоа би го сторил со секој хулиган. Ја проколнувам својата воспитаност, додека механички го слушам монологот за „тајниот план да се уништи македонското семе“ и дека „Американците или Евреите или Германците, не сум баша сигурен кој, уште во 19 век решиле да ја снема Македонија“.
Да повторам, тоа се луѓе од нашето соседство, со нив работиме, растеме и умираме. Добар дел од нив и ги гласаме на избори.
преземено од Фејсбук