Калина Велковска на својот Фејсбук профил го раскажува негативното искуство кое го доживеала при нејзиниот влез во Македонија од Бугарија. Таа детално објаснува како од здрава, по влегувањето во Македонија и одењето во државен карантин дома се вратила болна.
“Причината за овој пост кој го читате во моментов е поттикнат од причината поради која мистериозно исчезнав од социјалните медиуми неколку последователни денови.
А, тоа е мојата здравствена состојба која апсолутно НЕ е врзана со Ковид вирусот (направени 2 ПЦР тестови, еден во Софија, еден во Скопје и двата негативни) ниту пак имам било какви симптоми врзани за истиот, туку за жал со инфекција здобиена во лошите услови во државниот карантин во Скопје и по направениот ПЦР тест и чувствувам граѓанска одговорност да се обратам до сите и го споделам моето искуство со надеж за подигање на нивото на свест, апсолутно не иницирајќи на некакви политички структури и институции, ниту да ги испровоцирам истите. Едноставно го споделувам моето немило искуство со надеж да се превенира било какво повторување кај било кое друго лице.
Ќе се обидам да бидам што е можно поконцизна и појасна во информациите, за да бидат од корист на сите.
Процесот за влез во Р. Бугарија поради моето учество во музичкото шоу ја започнав на 4ти Мај, обраќајќи се на и информирајќи се од сите надлежни институции во нашата држава, додека продукцијата на шоуто истото го правеше таму. Откако се обзнани веста за отворање на границите на нашата република со Р. Бугарија на 1ви јуни, ја преминав границата. Таму по протокол ми беше измерена температурата и бев спроведена кон превозот кој ми беше веќе организиран и кој ме понесе во хотелот каде бев сместена сама во соба за време на целиот престој. Комуникација имав само со персоналот од хотелот кој ги почитуваше сите мерки за заштита, беше направен ПЦР тест и додека не стигнаа резултатите за сите – потврдено НЕГАТИВНИ, немавме директна комуникација. Во хотелот се дезинфицираа сите соби, купатила, се менуваа пешкирите а, доколку сами си побарате и постелнината, секој ден. При влез/излез од студијата нѝ беа мерени температурите, маските беа задолжителни за сите, освен за нас додека сме на бината. Дотука сѐ одеше лесно и коректно од двете страни.
Во понеделникот на 8ми јуни се враќам назад. Почна сагата:
Информацијата која ја добив по телефон не соодвествуваше со таа која ја добивам во моментот на граница. Сум можела да направам ПЦР тестирање во Софија пред заминување за да биде валидно (до 72 часа стар) и бидам спроведена директно во самоизолација, а не ко што ми беше јавено дека само тестот од оваа страна на границата се валидизира. Затоа чекав да бидам пренесена во државен карантин. Чекав превоз од 14:30 ч попладнето до 20:30 ч – 21:00 ч во неадаптирана просторија – некогашна кафана, без вода, храна и тоалет, под клуч. Ги замолив полициските службеници да ми остават некаков број за контакт за да кога имам потреба да го искористам тоалетот, им јавам и ме пуштат до блиското полско веце, бидејќи нивните бараки се оддалечени некои 300 метри од таму и нема начин за директна комуникација. Бев сама некое време, а потоа добив друштво од уште двајца, среќа имаше доволно простор за безбедна дистанца. Е, оттука веќе станува нелогично. Нѐ прибираат во неизвентилиран и не дезинфициран автобус и од граничниот премин Деве Баир заминуваме за граничниот премин Табановце, откаде земаме уште околу 14 патници и се упативме за Скопје. По пат новите патници го споделија своето искуство на граница, слично на нашето, но со таа разлика што единствениот тоалет кој им бил посочен бил задниот простор од билбордот под агол. Откако стигнаме во близина на Хотел Амбасадор, бевме задржани во автобусот извесно време, нѝ беа врачени изјави за потпишување каде се согласуваме дека за време на престој во држаниот карантин сами ќе се грижиме за хигиената на собата. Откако ова заврши беше побарано од нас сами да се групираме двајца по двајца и така да се упатуваме кон хотелот кога тоа ќе биде побарано од нас. Поради времетраењето на овој процес, атмосферата во автобусот почна да станува тензична, воздух и простор нема а, патниците преморени, прегладнети и жедни со желба за свеж воздух и страв од евентуална контаминација од вирусот. Во хотелот условите подискутабилни од оние во автобусот, со очигледни факти дека ништо не се одржува чисто, далеку од пропишаните мерки и регулатива. Нѝ беше соопштено дека секое едно лице кое има желба да направи ПЦР тест кој доколку се покаже негативен, ќе биде директно упатен во самоизолација и има два начини да го стори тоа: доколку има можност за плаќање во кеш тоа чини помалку (3600 мкд) ги зема Институт за Јавно здравје, а за оние кои ја имаат само опцијата картица (4700 мкд) – поскапо и ги зема приватната лабораторија Биотек, а доколку ниедна од овие две не се опција, се останува во карантинот таму. Од рецепција нѝ јавија дека Институтот за јавно здравје имаат дежурна екипа, така да на мене и новозапознаената цимерка (која дури ми позајми 10 евра за да можам да ја соберам сумата), нѝ зедоа врисеви од нос и грло во 2 ч по полноќ. Брисевите ги земаат прилично абразивно и осетив нелагодност во грлото веднаш по земањето. А, за човек со хроничен алергиски синузит/ринит и две операции на полипи на синуси, имам навикнато некои работи.
Утредента не се разбудив добра!
Храна првпат видовме сабајлето, па поитав да се нахранам мислејќи дека физичката состојба се должи само на прегладнетост и исцрпеност од претходниот ден. Вода пиевме од чешма за која имаа оставено стаклени чаши (среќа си имав сопствено шише), но добивме 3 оброци, колку-толку културни. Нелагодноста во грло прогресираше до утревечерта, кога и стигнаа резултатите на кои сите бевме НЕГАТИВНИ и бевме пуштени дома во самоизолација за наредните 14 дена.
Но, од благата нелагодност во грлото по брисот, стигнав до тешка форма на гнојна ангина, состојба од која никогаш порано немам боледувано, системска кандидијаза, со антибиотска, антимикотска и антивирусна терапија од моите матични лекари, со кои комуникацијата ми е и по неколку пати во денот со разговори и слики и променлива температура со денови. Во нормална а, не вонредна ситуација ќе бев хоспитализирана со овие дијагнози според моите доктори. Но, да бидеме искрени по ова искуство и моменталната ситуација во државава, побезбедно и на чисто се чувствувам лекувајќи се изолирана во сопствениот дом.
ПРИСТИГНАВ ЗДРАВА, ЗАМИНАВ ДОМА БОЛНА!“ напиша Калина Велковска на својот Фејсбук профил.