Влатко Стефановски (64), македонскиот виртуоз на гитара, во интервју за хрватскиот Ин Магазин, првпат јавно кажа како се носи со загубата на неговата сопруга и смртта на брат му Горан Стефановски, еден од најреномираните македонски писатели. Во интервјуто Влатко кажа и дека бил многу млад кога ги загубил родителите.
„Тоа се дупки кои тешко се надокнадуваат во животот. Во последните неколку години имав уште неколку големи загуби. Тешко ми е да зборувам за тоа. Да, ја изгубив сопругата пред четири години, братот пред три и тоа беа тешки загуби за кратко време“, вели Влатко во интервјуто и додава: „Не сакам јавно да зборувам за приватниот живот, затоа што ми е патетично на некој начин“.
Признава дека низ овие тешки времиња многу му помогнала музиката. Но, среќен го прави и тоа што неговиот син исто така почнал да свири, па сега одат заедно на турнеи.
„Музиката ми е терапија, медитација, хоби, професија, опсесија, таа ми е сè. Кога свирите гитара тогаш не размислувате многу. А кога ќе почнете да размислувате со мозокот, тогаш се појавува некој процес кој не можеме баш да го контролираме“, рече Влатко.
Влатко откри и како научил да свири и вели дека е самоук.
„Ако вложите во вашите вештини 10.000 часови, тогаш ќе бидете мајстор, за било што. Јас никогаш не сум одел во музичко школо, сè научив сам. Нотите никогаш не ги научив, не ги знам ни денес“, раскажа Стефановски за Ин Магазин.