Владата на вчерашната седница му предложи на Собранието да одобри продолжување на рокот за постоење на кризната состојба до 31 декември 2021 година.
Владата ги прифати и измените и дополнувањата на рестриктивните мерки согласно препораките на Комисијата за заразни болести, утврдени како предлози на 39-тата седница на Главниот координативен кризен штаб за обезбедување целосна координација во врска со спречување на внесување и ширење на КОВИД-19.
Почнувајќи од денеска, 1 јуни, утврдени се следните измени и дополнувања:
– Се укинува носењето заштитна маска на отворено и се препорачува да се носи кога лицата се во поголема група. Останува задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори;
– Се дозволува присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30% од вкупниот капацитет на посетители;
– Се укинува забраната за групирање на јавен простор;
– Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор (летни тераси) до максимум 100 лица, но не повеќе од 50% од капацитетот на просторот и до максимум 6 лица на маса;
– Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од 4 лица на 6 лица со обезбедување дистанца помеѓу лицата на масата;
– Се препорачува укинување на мерката за работа во смени и од далечина; и
– Продолжува да важи забраната за движење од 24:00 до 04:00 до 15.06.2021 година.
На оваа седница Владата го донесе Протоколот за организирање свадби/прослави и веселби.