Вистинска приказна: „Купив куќа на Сицилија за 27.000 евра – но реновирањето не е бајка“ (ФОТО)

by Тони Зографски

Купила зграда со 17 станови за само 27.000 евра, но реновирањето не е песна – туку долготраен процес што трае.

Кики Ли (28) од САД донела животна одлука откако на социјалните мрежи видела видеа за евтини куќи во Италија, а сега ја раскажува својата приказна за странските медиуми.

Инспирирана од приказните на други странци, таа решила да провери дали ваквиот сон навистина може да стане реалност – и само две недели подоцна веќе била на Сицилија.

Во малиот град Мусомели веднаш почувствувала нешто што ѝ недостигало во Лос Анџелес – вистинска заедница.

„Луѓето тука не те прашуваат што работиш, туку кој си и од каде доаѓаш“, вели таа.

Токму таа топлина и поврзаност ја убедиле да купи куќа – и тоа не било каква. За 27.000 евра станала сопственичка на стар објект со дури 17 простории, кој некогаш бил составен од неколку одделни станбени единици.

Но, иако цената изгледа како од соништата, реалноста носи и предизвици.

Куќата, стара со векови, барала сериозни зафати – од обновување на ѕидови и подови, до целосна модернизација на бањите, инсталациите и терасата.

Дел од просториите биле целосно нефункционални, па морало да се реорганизира распоредот за да се добие една целина погодна за современ живот.

Проценките се дека вкупната инвестиција ќе достигне околу 90.000 евра, што значи дека реновирањето е далеку поголем предизвик од самото купување. Дополнително, работата се одвива во побавно темпо од она на кое е навикната – што, како што вели, е дел од локалниот начин на живот.

Нејзиниот план не е само да создаде дом за себе, туку простор за дружење и споделување. Големата куќа ќе биде уредена така што ќе може да пречекува пријатели и гости од Канада и САД, но и да понуди мир и бегство од урбаниот живот.

„Сакав дом што има душа, а не само место за спиење“, вели таа.

Иако процесот е долг, исполнет со непредвидливи ситуации и учење „во од“, Кики верува дека токму реновирањето ѝ дава вистинска вредност на оваа авантура.

„Не е лесно, но токму затоа е толку посебно“, заклучува таа.

останати вести