Епидемиологот, проф. др. Драган Даниловски, синоќа гостуваше на Ал Џезеира Балканс, каде што направи анализа на моменталната состојба со пандемијата кај нас.
На прашањето, што придонело кон овој зголемен број на заболени во последните денови, професорот одговара:
-Точно е дека бројот на новозаразените последниве денови е зголемен. За тоа има неколку причини. Едната е што народот се има опуштено после релаксирањето на мерките по првиот бран, откако тој почна да се спушта. Луѓето едноставно навалија во излетничките места, по угостителски објекти и тоа го има зголемено бројот на социјалните контакти.
Ние очекувавме дека бројот на новозаразените ќе почне да расте, но нè изненади што тие бројки беа мошне високи. И се прашувавме зошто?
Овие денови се случи едно откритие кај нас. Беа откриени две мутации во геномот на десет наши пациенти. Тие мутации беа протолкувани од еден наш научник, молекуларен биолог, дека овозможуваат побрза трансмисија на вирусот, дека му ја зголемуваат инфективноста. Меѓутоа, не влијаат на тежината на клиничката слика.
Меѓутоа, факт е дека од сите регистрирани новозразени, само околу 14% се хоспитализирани, а останатите се со лесна клиничка слика или асимптоматски. Последниве се околу 30%.
Некои пресметки покажуваат дека веќе како да сме кај врвот на вториов бран и полека би требало да почне да стивнува.
Вториот бран се случи од веќе постоечките фокуси, жаришта и едноставно, кога мерките се релаксираа, тоа произведе, како што веќе реков, зголемен број на социјални контакти.
Потоа се случи да се прогласи полициски час во оние општини со зголемен број случаи, но без затворање на влезовите и излезите од тие општини. За потоа, близу стотина илјади граѓани да се „евакуираат“ во Охрид, Преспа и други излетнички места. И со тоа настана дисеминација на вирусот.
На прашањето дали очекува дека вирусот ќе биде помалку активен во текот на летото, др. Даниловски одговара:
-Јас мислам дека вирусот сигурно ќе биде помалку активен во текот на летото, од проста причина што луѓето на топло време повеќе престојуваат надвор. Потоа, тука се воздушните струења, па и ветер, така што мислам дека интензитетот на блиските социјални контакти ќе биде значајно намален.
Така што епидемиолошките ризици за воспоставување на ланци на инфекции или веројатноста тие да се воспоставуваат ќе биде мала. Што автоматски значи дека и бројот на заразените ќе биде помал.
Постои и еден друг момент, кој е битен, а тоа е дека при влажно време, кога водената пареа се наоѓа во воздухот, таа на некој начин претставува бариера за вирусите, односно за капките секрет кои ги исфрла некој заразен поединец. Значи, при топло и влажно време, шансите да се пренесе вирусот се намалуваат.