“Ќе треба долго време пред да се намали ризикот од коронавирус“, изјави Мајкл Рајан, висок претставник на Светската здравствена организација (СЗО), предупредувајќи дека откривањето на вакцината не гарантира победа над ковид-19.
СЗО прогласи глобална вонредна состојба кон крајот на јануари и нема индиции дека може да ја укине, рече Рајан на виртуелната конференција за медиуми во Женева.
„Ќе треба долго време пред да го исклучиме алармот“, посочи тој.
Земјите во кои епидемијата се смирува мора да бидат внимателни и да преземат чекори за да спречат нов бран, рече тој, наведувајќи ги Јужна Кореја, Кина и Германија како позитивни примери.
Претставникот на СЗО предупреди дека новиот коронавирус веројатно ќе циркулира до одреден степен наместо да исчезне.
„Овој вирус можеби никогаш не може да исчезне“, истакна Рајан.
Откако ќе се развие вакцината, таа мора да биде достапна за целиот свет по пристапни цени и луѓето мора да ја примат доброволно, смета тој.
„Имаме некои совршено ефикасни вакцини кои не се користат ефикасно“, рече Рајан, наведувајќи го примерот со мали сипаници.
Сепак, тој истакна дека некои болести, како што е ХИВ, можат да бидат контролирани без вакцини.
„Пронајдовме терапии и мерки за превенција, така што луѓето не се толку исплашени како порано“, рече Рајан за ХИВ.