Вирусологот д-р Ана Банко од Институтот за микробиологија и имунологија, при Медицинскиот факултет во Белград, за РТС вели дека во моментов е доминантна делта варијантата на ковид-19 која успева да го пробие имунитетот. Кај вакцинираните, според неа, нема секогаш комплетна имитација на природниот имунитет, па и тие се заразуваат, но не развиваат тешка клиничка слика. Комбинацијата прележаните да се вакцинираат создава добар имунитет и заштита од опасниот вирус.
Според неа, пандемијата предолго трае, голем број лица се заразени и тоа статистички му дава можност на вирусот да мутира, затоа има многу соеви кои се сè поопасни и побрзо се пренесуваат од Вуханскиот сој што можеше да се пренесе на еден до двајца. Кај делта сојот еден може да зарази осум лица.
Алфа вирусот веќе го нема, делта сојот го пренесуваат и вакцинираните.
Во моментов доминира делта сојот бидејќи набрзо се шири, но она што го одржува е тоа што го пренесуваат и вакцинираните, што не беше случај во претходните соеви на коронавирусот.
-Статистички се согледува дека делта сојот успева да го пробие имунитетот како што стручно се нарекува брејк-тру инфекција. Вакцинираната личност во идеални околности го стопира домино ефектот и не дозволува вирусот да се шири. Но со оваа варијанта вакцинираните не се веќе тоа, па затоа и трансмисијата е толку голема, што пред шест месеци не можеше ниту да се претпостави- објаснува д-р Банко и потенцира дека не сака ова да биде момент да се изгуби довербата во вакцината, бидејќи мала е разликата меѓу идеална вакцина и вакцина која е доволно ефикасна и со неа може да се контролира пандемијата. Засега, според неа нема идеална вакцина.
Не вадете ја маската на работа ниту во тоалет, тие се жариште на вирусот
Банко вели дека делта сојот многу брзо се шири во мал затворен простор како што е тоалетот. Затоа предупредува кога на работа се оди во тоалет да не се вади маската, оти таа дефинитивно штити од сите соеви.
-Тоа се мали моменти на невнимание кои можат да нè заразат со вирусот – вели д-р Банко.
Таа како пример наведува дека кога вирусот на делта сојот ќе влезе во домот, сите се заразуваат. Кај британскиот сој имаше случаи да се зарази еден од семејството, а останатите да бидат негативни. Сега не е така, ако еден се зарази тогаш и целото семејство се заразува.
Кој е посилен, природен имунитет или вакцинален
Сè уште не може да се одреди дали природниот или вакциналниот имунитет повеќе штити од заразување со ковид-19. Вирусологот Банко вели дека најчесто прележаните не сакаат да се вакцинираат.
-Природниот имунитет најчесто е идеален, а вакцината треба да го имитира природниот имунитет. Но се случува со вакцината да не се имитира комплетно имунитетот. Најдобра комбинација е прележаните да го засилат имунитетот со вакцина. Но прележаните кои не се вакцинирани не се отпорни на новите соеви, како што се вакцинираните – објаснува д-р Банко.
По трета доза, ќе има и четврта и петта
Д-р Ана Банко вели дека бустер дозата не е изненадување. Ако пандемијата продолжи на овој принцип ќе се дава и четврта и петта доза. Во оној момент кога пандемијата ќе се стави под контрола, тогаш ќе може да се зборува за друг режим на вакцинација, кој може да биде со некоја комбинирана доза на вакцина.
Според студијата, објавена пред неколку недели во Израел, покажало дека по три месеци од примањето на втората доза на вакцината опаѓаат антителата. По шест месеци нивото на антитела е како по првата доза на вакцината или како што е кај прележаните, а не имунизирани лица.
Исто така имунитетот побрзо опаѓа кај постарите лица над 60 години, без разлика со која вакцина се имунизирани.
Како да се комбинираат вакцините
Кај постарите лица и имуносупресирани се покажало дека механизмот или платформата на која е произведен „Синофарм“ понекогаш не им дозволува да развијат имунитет. Тоа се покажа во реалноста дека луѓето постари од 60 години не развиле имунитет дури и по првите две дози на Синофарм, што според неа не е ништо чудно.
-Се препорачува овие луѓе да примаат „Фајзер“ како трета доза – вели д-р Банко.
Таа, исто така, препорачува да се измерат антителата и доколку се покаже дека лицето има доволно антитела, трета доза да прими повторно од „Синофарм“. Доколку пак нема тогаш како бустер доза да биде вакцината на „Фајзер“.
– Кога станува збор за „Спутник“, првата и втората доза не се идентични, компонентите се различни, а засилувачот треба да биде на „Спутник“ од првата варијанта на вакцината, носител на кој „помалку се сеќаваме“ . Имунитетот нема да го отфрли како што е познато, и за нас е важно тоа да не се случи за да може да извлече информации од него – објаснува д -р Банко.
Таа потсетува дека комбинацијата на вакцините меѓу „АстраЗенека“ и „Фајзер“ и „Спутник“ и „Фајзер“ се засноваат на клинички испитувања од минатата година.
Ако сте примиле „АстраЗенека“, можете да го добиете „Фајзер“ како засилувач. Според неа вакцината „Модерна“ е истиот механизам како „Фајзер“
-Генерално оние што ќе ги измерат антителата, доколку ги немаа по првите две дози, треба да се префрлат на бустер доза со „Фајзер“ -завршува д-р Банко.