Дали се ближи крајот на апсурдната бугарска блокада за почеток на пристапните преговори меѓу Македонија и Европската унија, пишува хрватскиот весник „Вечерњи лист“ кој во написот ја отвора можноста Софија да го деблокира Скопје под притисок на Брисел на 21 јуни.
Иако досега нема недвосмислена потврда дека Софија е подготвена да даде зелено светло за Скопје, има сѐ повеќе сигнали кои укажуваат на ваков заклучок, а германскиот министер за европски прашања Михаел Рот дури и оптимистички најави дека има голема шанса да се постигне во јуни решение што ќе овозможи почеток на пристапните преговори, што значи дека деблокирањето на Македонија може да се случи пред претстојниот самит на ЕУ, закажан за 21 и 22 јуни, пишува весникот.
Во текстот се споменува и посетата на португалскиот министер за надворешни работи Аугусто Санто Силва и комесарот за проширување на ЕУ, Оливер Вархеји во Софија и Скопје каде го претставија португалскиот предлог за бугарско-македонско решение.
Бугарската блокада беше критикувана и од хрватскиот претседател Зоран Милановиќ кој се „судри“ со премиерот Андреј Пленковиќ. Тој тврдеше дека по изјавите на Милановиќ, биле евидентирани два инциденти против бугарски државјани во Хрватска.
Од Софија велат дека ќе останат на своите барања, иако се отворени за дијалог, додека во Скопје го сметаа предлогот на Португалија за добра основа за решавање на билатералниот проблем. Бугарија стави вето на почетокот на разговорите со Македонија, тврдејќи дека Македонија не го почитува билатералниот договор за добрососедство меѓу Софија и Скопје, додека инсистира на исполнување на неверојатни барања што не беа видени во претходните блокади во процесот на проширување на ЕУ, пишува весникот.