Некогашна водителка, заштитно лице на „Макфест“, диџеј, Вера Јанковиќ е урбана градска дама која како да не старее.
Од „Видеометроном“ на тогашната Телевизија Скопје, до сценарист и заштитно лице на „Макфест“ цели 14 години- ова се само дел од нештата по која ја препознаваме. Рокерка во душа, но љубител и на домашните и на екс-југословенски шлагери со кои пораснала, во 1984 година, таа беше вокал на групата „Психо“, чиј басист беше нејзиниот покоен сопруг Зоран Јанковиќ- Бајо. Вера и Бајо беа сопственици на култниот скопски клуб „ЗЗ ТОП“, кој се затвори во деведесетите.
„Ми недостасуваат ноќите во „ЗЗ“ и пијаните утра по него. Тоа не беше клуб, туку начин на живеење“, носталгично изјави Јанковиќ.
И денес, таа ја носи истата фризура, го негува оригиналниот стил на облекување, работи како диџеј и инвестира во патувањата. Цедета кои ги носи со себе за забавите ги нарекува „куфер на љубовта“ . Младешкиот дух на диџеј Генерал Јанковиќ, уметничкиот прекар на Вера е за почит.