Сопственикот на поранешната А1 телевизија, Велија Рамковски, во изјава за Пресинг ТВ ги негира натписите во некои медиуми дека телевизијата наскоро повторно ќе се отвори. Вели дека кампањата и воведувањето на новиот бренд и ребрендирањето во А1 на телекомуникацискиот оператор ВИП нема врска со телевизијата.
– Тоа нема врска со телевизијата А1, иако е добра анкета и показатал колку на граѓаните навистина им фали телевизијата“, вели Рамковски во изјава за Пресинг ТВ.
Сепак, Рамковски потврдува дека се прават максимални напори за повторно рестартирање на телевизијата без притоа да прецизира кога тоа би се случило. Вели дека идејата постои уште од денот кога излегол од затвор и во последните 10 години сите го прашувале за нејзиното рестартирање.
– Имам 72 години и се уште сум работоспособен, правиме максимални напори тоа да се случи“, вели Рамковски.
А1 Телевизија е поранешен приватен електронски медиум во Република Македонија. Првиот сигнал во телевизијата го доби на 20 јануари 1993 година, а национална концесија доби во 2001 година. А1 Телевизија пред нејзиното затварање беше една од најгледаните телевизии.
По повеќе од 18 години, најстарата приватна телевизија престана да емитува програма на 30 јули 2011 година поради одлука на АЕК, која донесе решение на кое се повикуваше на член 62 став 1 алинеја 4 од Законот за радиодифузна дејност, бидејќи компанијата А1 телевизија ДООЕЛ – Скопје имаше отворено стечајна постапка.