ЗОРАН МИХАЈЛОВ
– Љубиша Трбоевски беше една од најголемите македонски атлетски звезди.
-Тој беше шампион и рекордер на нашата држава на 5 и 10 километри, а ги бранеше и боите на поранешна Југославија.
-Кариерата во кралицата на спортовите ја заврши како тренер во АК Работнички
Нема сомнение оти скопско Дебар Маало пред, за време и по Втората светска војна даде многу познати спортисти. Фудбалскиот клуб Работнички на почетокот беше составен само од Дебармаалци, слично беше и со кошаркарскиот, а малку поинаква беше состојбата со ракометниот клуб кој имаше еден шаренолик состав со ракометари од повеќе скопски маала. Атлетскиот клуб кој практично во тој период, особено по војната, беше главната сила на ЖСД Работнички во своите редови имаше Дебармаалци, но и натпреварувачи од другите градови главно студенти на скопскиот Универзитет. Од оние старите Дебармаалци најпознато беше семејството Димитрови, во кое од петмината браќа –тројца беа атлетичари: Трајко, Димко и Никола. Меѓутоа, главната атлетска звезда живееше во нивното сосетство. Оние што ја следат атлетиката од тој период веднаш ќе се сетат дека станува збор за еден од најдобрите спортисти на Македонија во 50-сеттите и почетокот на 60-сеттите години од минатиот век – Љубиша Трбоевски.Тој иако потекнуваше од работничко семејство со минимални услови за живот, сепак благодарејќи на големата волја, ентузијазам и љубов кон атлетиката стигна до самиот југословенски врв. Колку беше успешен за него зборува и податокот што во 1958-та година беше прогласен за најдобар спортист на Македонија, во една силна конкуренција со Нико Нестор и Дики Бојаџи (маратонски пливачи), Јован Софревски (шахист), Зафир Куновски (ракометар), Раде Мадиќ (мотоциклист), Александар Кулевски (велосипедист) и уште десетина други спортисти. Во еден ваков спортски состав да се биде лауреат е навистина нешто големо и – за почит…
Се тркаше со вовчето од Градскиот парк
Љубиша Трбоевски како да беше роден за трките на долги патеки. Тој беше толку издржлив и силен што – за него не беше проблем да се трка и со пионерското вовче кое тргнуваше од денешното езерце во Градскиот парк, потоа одеше низ паркот, потоа покрај земјоделското стопанство Тафталиџе, кон стара Телевизија, сегашно Влае, Хром, Ѓорче Петров, Сарај. Клупските другари често го задеваа за неговите тркачки авантури со вовчето, но тој не им забележуваше. Беше подготвен веднаш да им одговори:
-Тркајте се и вие со него, па ќе видите колку ќе бидете силни и непобедливи на атлетската патека.
Така, полека и другите тркачи на долги патеки: Ивчев, Јојкиќ, Бошковски,Чекоров, па и јас кој ги правев првите атлетски чекори, почнавме да го применуваме истиот рецепт. Наместо да трчаме, како што атлетичарите често знаат да кажат – во празно, вака вовчето како да не влечеше и ја разбиваше монотонијата во тренингот.
Овој начин на тренинг, за некои чуден и невообичаеен, Трбовски го практикуваше уште од почетокот на својата кариера за по две-три години активно бавење со атлетиката да се пробие во југословенскиот врв. Тој стана еден од најреспектираните тркачи на долги патеки, во тој период можеби и единствен што успеваше рамноправно да се носи и да му се спротивстави на легендарниот Фрањо Михалиќ кој во 1956 година на Олимпијадата во Мелбурн беше втор во маратонската трка, зад Французинот Мимун. Да се биде рамноправен а во некои трки и подобар од сребрениот Олимпиец, тоа не беше мала работа.
Инаку, своите квалитети Трбоевски ги истакна на државното првенство, една година по Олимпијадата во Мелбурн, кога на општо изненадувања на сите македонскиот првак и рекордер само за гради во возбудлив финиш ја загуби трката на 10 километри со славниот Михалиќ.
– Доцна тргнав во финиш, – раскажуваше тогаш Трбоевски. – Ако забрзав нешто порано можеби ќе победев и ќе бев шампион на Југославија. Но,некако се плашев, премногу го респектирав Михалиќ, а и другите тркачи како Черван и Ивановиќкои беа многу поискусни од мене. Но,во оваа трка нив ги совладав, само Миха беше пред мене.
По оваа трка за атлетичарот од Дебар Маало се повеќе почна да се зборува. Вицешампионската титула му ја отвори вратата во репрезентацијата на Југославија,за која во следните две години настапи на повеќе меѓународни натпревари.
Преселба во Белград
Трагајќи по посолиден живот и подобри услови за тренинг Љубиша Трбоевски ја менува средината и заминува за Белград. Тој стана член на армискиот клуб Партизан, во кој покрај Михалиќ членуваа речи си сите асови на југословенската атлетика. Меѓу нив имаше многу балкански шампиони,а и носители на медали од Европските првенства и Олимпијадите (покрај Михалиќ, туку беше и Губијан кој беше втор на ОИ во Лондон во фрлање кладиво).
Така, Трбоевски се замеша во елитното друштво, во кое можеше да напредува и да ги подобрува своите резултати на 5 и 10 километри. Но, некогаш и среќата на оние на кои им е најпотребна знае да го заврти грбот. Ете,тоа се случи и со македонскиот рекордер, кој поради воспаление на градниот кош мораше да паузира и неколку месеци да не тренира. Тоа за него беше голем удар, зашто токму кога финансиски се закрепна, мораше да размислува за тоа – што понатаму? Во една ваква ситуација на Трбоевски не му остануваше ништо друго освен да се лекува и да го очекува моментот кога комплетно ќе се опорави и повторно ќе и се врати на атлетиката. Неговата настојчивост беше голема, тој се врати на патеката, но не беше оној стариот шампион. Едноставно не можеше да се доближи до своите најдобри постигнувања, па затоа го напушта Партизан и се враќа во АК Работнички и во својата скромна куќа во Дебар Маало. Продолжи да се натпреварува. Во Македонија и натаму беше неприкосновен на своите патеки, но,очигледна беше болката што не отиде подалеку, онаму каде што многумина му прогнозираа – во европската тркачка елита…
Колку беше голема неговата желба кон трчањето зборува и податокот што на залезот од кариерата се посвети на маратонските трки. Обично долгопругашите кога ја минуваат 30-тата година и кога според законите на физиологијата ја губат брзината ,одат на трки на подолги патеки. Истото ова се случи и со Трбоевски,кој на малите маратони на 20 километри во историските места Кумровец и Кадињача во два наврата беше втор и тоа повторно зад Михалиќ, кој беше непобедлив и тогаш кога ја мина 40-сеттата година од животот. Најголемата радост во полумаратоните ја доживеа на Фрушкогорскиот маратон, кога прв мина низ целта во Нови Сад. Веднаш потоа доби покана да стартува на маратонот во Сегедин, каде беше трет и тоа на оној вистински маратон на 42 километри и 195 метри. Овој пласман на еден меѓународен маратон до денеска не е надминат ниту од еден македонски маратонец. Токму и по ова Љубиша Трбоевски има заслужено високо место во макединската атлетика.
Тренер во АК Работнички
Откако ја заврши кариерата и престана да трча Љубиша Трбоевски се посвети на тренерската работа во АК Работнички. Еден од неговите атлетичари бев и јас, па затоа можам да кажам дека во душа го познавав, за мене најдобриот македонски тркач на долги патеки. Не случајно велам најдобриот, зашто неговите рекорди на 5 и 10 киолметри долго опстојуваа и беа урнати од Милан Маџгаљ и Ѓорѓи Вучков, но во едно поново време кога условите за тренинг а и за живот беа многу подобри. Впрочем, беа урнати во време кога почна да се трча на тартан, а не на меката земја која им создаваше големи проблеми на тркачите, особено ако времето беше врнежливо.
По тренинзите на кафе во “Пелистер“
По тренинзите на Градскиот стадион и во паркот,главната база на Трбоевски беше ресторанот “Пелистер“ (подоцна Фуфо). Тогаш долу имаше самопослуга со најразлични јадења, а горе кафеана. Алкохол не се сеќавам дека некогаш се напил, но за кафето беше “флит“.
Кога некој ќе прашаше каде може да го најде Љубиша,одговорот беше кус – во Пелистер. Подоцна и никој не прашуваше, зашто сите знаеја оти е таму во друштво на пријателите, најчесто од атлетскиот свет.
Последната трка
Се сеќавам и на последната трка на Трбоевски во 1963 година, во која јас му бев главен конкурент. Тоа беше уличната трка по повод 22 Декември – Денот на тогашната ЈНА . Стартот беше на плоштадот, потоа се трчаше по Орце Николов до нашето Дебар Маало. Оттука вртевме на тогашната улица 29 Ноември, кон Техничкото училиште. До слаткарницата кај Апче трчавме еден покрај друг. Во еден момент почувствував дека другите тркачи ни се доближуваат, па кога излеговме на Партизанска му реков: Љубиша јас одам…Тој ми одмавна со рака ,како да ми даде виза сам да продолжам да трчам на челната позиција. Во тие моменти проработија емоциите кај мене, па реков да подзастанам, да го повлечам, да не трча сам и да го очекува нападот на другите. Впрочем тој ми беше и тренер и другар, го почитував. Го забавив темпото, тој ми се доближи, беше свесен зошто го направив тоа. Успеавме да се извлечеме од групата ,која го забрзуваше темпото. Кога стигнавме кај Кармин, откако се упативме кон плоштадот самиот ми даде знак да тргнам во финиш.Така ја завршивме оваа негова последна трка – јас на првата, тој на втората позиција. Не се лутеше што го победив дури беше благодарен, зашто во моментите на криза бев покрај него.
Лична карта:Љубиша Трбоевски
Роден 1933 во Скопје
Почина 1985 во Скопје
Кариера: АК Работнички и АК Партизан (Белград)
Успеси: Втор во Југославија на 10.000 метри,пет пласмани меѓу првите тројца во малите маратони во Кумровец,Кадињача и Фрушка Гора(прв),трет на големиот маратон во Сегедин 1963 година,рекордер на Македонија,репрезентативец на Југославија и Македонија
Тренерска кариера: АК Работнички и репрезентација на Македонија