ЗОРАН МИХАЈЛОВ
– Јовковски во периодот од 1960 до 1970 година од минатиот век дури 9 пати ја освојуваше титулата сениорски првак на Југославија во кајак на диви води.
-Тој учествуваше и на 4-ри Светски првенства, а беше и селектор на југословенската репрезентација.
-Неговите резултати ќе останат запишани во македонската спортска историја како нешто многу вредно и ненадминато!
Во македонскиот спорт има повеќе личности за кои може да се каже дека оставиле посебна трага, а нивните резултати имаат дури и антологиско значење. Еден од тие спортисти чии резултати засекогаш ќе бидат запишани во аналите на нашиот спорт секако е Трајко Јовковски. Тој беше и ми се чини се уште е ненадминат кајакар на диви води на овие наши простори. Тој беше човекот кој од 1960 до 1970 година на минатиот век во континуитет дури 9 пати ја освојуваше титулата првак на Југославија. Во една конкуренција во која до појавата на Јовковски доминантни беа Словенците предводени од таткото на славната скијачка Матеја Свет-Богдан, тоа беше рамно на подвиг. Победите на Јовковски на државните шампионати во тоа време беа толку вообичаени и нормални, така што имаше и такви ситуации кога организаторите често знаеја да му кажат: ти не мораше да доаѓаш – ние ќе ти го испратевме пехарот во Скопје! Зарем треба нешто повеќе да се каже за тоа каков кајакар беше Јовковски.
-Почнав со кајакот случајно, – се сеќава Јовковски. Уште како 13-годишно момче отидов во бродарско-моделарската секција во Пионерскиот дом Карпош, за веќе една година подоцна да влезам во кајакот и да почнам да ги скротувам дивите води на Вардар кој тогаш не беше регулиран како сега, туку имаше брзаци и вртлози кои носеа многу неизвесности. Потоа со постарите и поискусни кајакари почнав да учествувам и на оние регати од Тетово до Скопје, потоа од Скопје кон Велес, се до моментите кога еден ден и јас не се најдов на стартната позиција.
На еден шампионат –четири титули!
Трајко Јовковски практично беше производ на познатата вардарска школа која во 50-сеттите години почна да се афирмира во светот на кајакот на диви води. Ставриќ кој се смета за еден од пионерите на овој спорт, потоа Томе Михајловски, Јашар Кумбараџи беа предводници на помладата генерација, во која имаше исклучителни таленти. Еден од нив беше и Јовковски, кој заедно со Чемерикиќ, Контраденко, Угриновски, Ивановски, Забазновски и уште десетина други момчиња претежно од скопски Буњаковец почнаа да ја испишуваат историјата на кајакот на диви води. Нивниот напредок беше изненадувачки брз, така што за еден кус период тие се најдоа во тогашната југословенска елита. Сепак, најдалеку од сите нив стигна Трајко Јовковски, кој како од шега ги освојуваше титулите државен првак, за во 1962 година на Вардар, кај Радуша да забележи единствен подвиг – да стане четирикратен првак на Југославија. Тој беше прв во слалом и во спуст, а со своите клупски колеги од Мирче Ацев триумфираше и во тимските возења во истите дисциплини.
-Од овој период Словенците како да имаа уплав од мене, -вели Јовковски.
Во шега додава дека првенствата не биле веќе интересни зашто однапред се знаел победникот.
Учесник на четири Светски првенства
Кариерата на Јовковски одеше во нагорна линија, па така тој секогаш беше првиот адут на југословенскиот состав за големите приредби. Јовковски настапуваше на трките во Италија, особено во Мерано, потоа во Мотатал во Швајцарија, Шпитал во Австрија, во Франција, во тогашна Чехословачка, со еден збор насекаде.
-Учествував на 4-ри Светски првенства на кои имав солидни пласмани. Најдобропласиран бев во Дрезден кога го освоив 13-тото место,во конкуренција на повеќе од 100 кајакари од светот. Последен настап за репрезентацијата имав на СП во 1972 година, кога се збогував со пласман на 17-тата позиција. Можеби можев да продолжам и натаму, но се случија повеќе работи кои полека ме одалечуваа од спортот кој ја исполни мојата младост. Одењето во тогашната ЈНА, потоа вработувањето и ред други работи го сторија своето и придонесоа да го оставам кајакот.
Јовковски жали што во периодот кога беше активен и кога триумфираше на домашните реки, а постигнуваше одлични пласмани и на меѓународните натпревари, кајакот не беше олимписки спорт.
-Тој влезе во програмата на најголемата светска спортска приредба во годината кога се откажав од активното спортување – 1972 . Јас немав среќа да бидам олимпиец, но затоа пак мојот следеник Миле Спасовски ја имаше таа шанса да учествува на ОИ во Минхен и да забележи висок пласман- деветто место, што беше уште една потврда за тоа колку македонскиот кајак на диви води е квалитетен и се наоѓа на едно високо рамниште.
Тренер и селектор на репрезентацијата
Акумулираното искуство беше виза за Трајко Јовковски, откако се повелече од кајакот, да ја преземе диригентската палка и да стане тренер. Тој и овде беше успешен како во натпреварувачките денови, па низ негови раце минаа многу кајакари, кои постигнуваа добри резултати на меѓународната сцена. Врв на неговата тренерска кариера беше назначувањето за селектор на југословенската репрезентација, која настапи на Светското првенство во Македонија (Треска-слалом и Радика-спуст) во 1975 година.
-Имавме добра репрезентација, но нашиот најголем адут Миле Спасовски непосредно пред ова првенство замина во ЈНА, а кога се врати од отслужување на воениот рок не можеше да ја постигне саканата форма. Тоа беше причината што нашата репрезернтација беше ослабена. Инаку, еден состав каков што беше Спасовски, Василевски и Шевченко можеше во тимското возење да стигне и до медал,Но,ете таквибеа тогаш времињата,не можеше ништо да се стори – да се одложи одењето на нашиот најдобар кајакар во војска, – се сеќава на тоа време Јовковски.
Набрзо потоа доаѓа и неговото комплетно повлекување од кајакарскиот спорт, за да продолжи со него само рекреативно најчесто во водите на Треска, кај Матка, каде што има и викендичка во која во пензионерските денови најчесто го минува времето. Не му е тешко и сега на помладите да им пренесе дел од своите знаења и искуство, а неколкуте кајаци во дворот постетуваат дека тука е домот на поранешниот голем шампион.
СО КАЈАК ПО ИЛИНДЕНСКА !
Нека не се чуди никој,ако кажам дека Трајко Јовковски во октомври 1962 година крстареше со кајакот по улицата Илинденска, а и оние други помали улички што ја пресечуваат или се паралелни со неа.
-Тоа беше моментот кога Скопје го зафати голема поплава, вели Јовковски. Градот,особено делот околу паркот, буквално беше под вода. Јас и моите другари единствено што можевме да сториме во тие моменти – беше да ги земеме кајакците, да запловиме по водите кои ги преплавија улиците и да им помогнеме на луѓето, особено постарите да ги извлечеме од нивните домови. Ако тоа не беше можно, тогаш им помагавме со дотур на храна. Тоа не траеше долго, водата почна да се повлекува, но ете ние-кајакарите на некој начин дадовме барем мал придонес во ублажување на паниката предизвикана од природната стихија.
Лична карта:Трајко Јовковски
Роден 1942 во с.Селци – Струшко
Кариера:Кајакарски клуб Мирче Ацев
Успеси :Деветкратен сениорски првак на Југославија,репрезентативец,учесник на 4 Светски првенства
Тренерска кариера:Селектор на репрезентацијата на Југославија на Светското првенство во Македонија – 1975 година