Зоран Михајлов
– Освојувањето на фудбалскиот куп на поранешна Југославија во 1961 година беше историски успех,не само на неговата,туку на сите следни вардарови генерации.
– Пехарот на Маршал Тито беше најдрагоцениот трофеј во витрините на македонскиот фудбалски бренд
Во годините по Втората светска војна фудбалот беше најпривлечниот спорт, кој ги обединуваше младите од сите подрачја на новоформираната држава. Со создавањето на шесте републики и двете покраини, во трката за престиж на секоја од овие територијални единици – се разви и ривалството меѓу клубовите. Армијата ги собра сите фудбалери кои нешто значеа во тој период во новоформираниот клуб Партизан. Меѓу нив еден од најекспонираните беше и македонската фудбалска легенда Кирил Симоновски-Џина. Раднички од Белград беше клуб на полицијата (таму замина Видиниќ), Црвена звезда беше народен клуб (така велеа за неа), Динамо и Хајдук беа фудбалските синоними на Хрватска, Олимпија на Словенија, Сараево, Железничар и Вележ на Босна и Херцеговина, Будуќност на Црна Гора,Спартак и Војводина на покраината Војводина, а Вардар беше најпознатиот фудбалски бренд од Македонија. Подоцна нему му се приклучија Работнички, кој еден период беше прволигаш, потоа Пелистер, Победа, Брегалница, Беласица, Куманово, Тиквеш, Тетекс, сите квалитетни второлигаши. Имаше навистина силни екипи кои придонесуваа да се издига квалитетот на фудбалот, а стадионите секогаш да бидат полни.
Сите тие тимови,како што е вообичаено во спортот си имаа свои звезди.Така,во Вардар ,покрај Миланов, Велковски, Јаневски, Кокиновски, Дацевски, Арсовски, Новаков, Јордановски, Цинциевски, Стефановски, една од најистакнатите фигури беше голманот Тодор Георгиевски – Тоде . Тој во два периода застануваше на голот: првиот кон крајот на 40-сеттите и почетокот на 50-сеттите години, а вториот по враќањето од љубљански Одред подоцна Олимпија, во втората половина од 50-тите и почетокот од 60-тите години. Тогаш Вардар го освои Купот на поранешната држава, што нормално се смета за најголем успех на таа генерација.
Илеш Шпиц го преквалификува во голман
Како сите деца така и Георгиевски во периодот по Втората светска војна барајќи разонода, неа ја најде во спортот, конкретно во фудбалот. Собиралиште на младите кога се работеше за спортување беше дворот на гимназијата Јосип Броз Тито, на местото од денешната зграда на Владата и во скопска Соколаана, лоцирана кај денешната адвокатска улица спроти тогашната гимназија Цветан Димов. За Тоде Георгиевски главното сврталиште било кај гимназијата. Тука всушност почувствувал дека фудбалот би можел да биде неговата спортска перспектива. Диме Арсовски, кој веќе тренираше под палката на прославениот фудбалски стручњак Илеш Шпиц ( кому му е посветен филмот Трето полувреме) и стандардно настапуваше за скопскиот тим, еден ден го повикал Тоде и му рекол дека добро би било и тој да ја проба среќата во фудбалот.
– Оваа понуда ми дојде како порачана,зашто и јас посакував да станам фудбалер,беа зборовите на Тоде Георгиевски,пред да почине, изречени во емисијата посветена на Македонските спортски легенди.
-Но, што е интересно почнав како халф, за по неколку недели Шпиц да ме преквалификува во голман. Неговото око не згреши и јас од тие моменти застанав меѓу стативите и почнав стандаредно да го бранам голот на тогашна Македонија, а по фузијата со Победа во 1947-та година и на младинскиот тим на Вардар, со кој две години подоцна ја освоивме шампионската титула во Југославија. Наградата за овој успех беше – три метри штоф за одело!
Кажувањето на Тоде беше интересно,па еве уште нешто од тие негови сеќавања:
-Така беше во тоа време. Врвните спортисти се задоволуваа и со мали нешта. Битно беше да спортуваме, да се натпреваруваме, да се дружиме и навечер на скопското корзо, таму пред Офицерскиот дом да ги раскажуваме фудбалските доживувања. Се разбира , тука беше и местото каде што се наоѓавме со девојките.
Армијата му го смени фудбалскиот пат
Во периодот кога почна да се афирмира во фудбалскиот свет Тоде Георгиевски мораше да замине на отслужување на воениот рок. Школскиот центар на ЈНА во Љубљана беше неговото воено одредиште. Заминувањето во војска го спречи во две работи: едната беше континуирано да тренира а втората да ги полага испитите тогаш на Медицинскиот факултет, на кој најнапред беше запишан за подоцна да се префрли на Правниот . За она второто – полагање на испитите во Љубљана немаше шанса, но како војник со фудбал можеше да се занимава. Откако фудбалските работници дознале дека во љубљанската касарна на отслужување на воениот рок е познатиот голман на Вардар, набрзо дошла понуда да се вклучи во тренинзите во тогаш најпопуларниот словенечки клуб Одред, во кој пак тренер бил легендарниот Мехо Брозовиќ.
-Тој веднаш ме прифати а јас со добрите одбрани му возвратив, се сеќавам на зборовите на Тоде во споменатата емисија .
-Имав понуда и по завршување на војската да останам во Љубљана, дури се договорив со мојата девојка Смиљка , која подоцна ми стана сопруга, заедно да заминеме во главниот град на Словенија. Но, работите не се одвиваа во посакуваниот правец. Одред (подоцна Олимпија) западна во криза, па јас решив да се вратам во Скопје. Тогаш тренер беше Кирил Симоновски – Џина, можеби најславното македонско фудбалско име. Тој ширум ми ја отвори вратата на Вардар. Па така заедно со Љубомир Цветковски – Жмара, често се менувавме на голманската позиција. Во тој период бранев и за репрезентацијата на Македонија.
Пехарот на Тито во рацете на вардарците
Сепак, Тоде ја имаше таа чест да биде на голот на најзначајниот меч во историјата на тогашната генерација на Вардар – финалето на Купот на Југославија во Белград – во мај 1961 година. Противникот Вартекс беше совладан со 2:1. Пехарот на Претседателот Тито се најде во рацете на вардарците. Сонот беше остварен. Тоа беа незаборавни мигови за сите фудбалери што го носеа вардаровиот дрес, мигови за македонската фудбалска историја. Ова е прилика да се потсетиме и на комплетниот состав на тимот, кој го забележа историскиот успех: Георгиевски, Вучидолов, Анѓушев, Дацевски, Божиновски, Трајчевски, Илиевски, Николовски, Велковски, Дончевски и Шулинчевски. Стрелци на головите беа Илиевски и Николовски.
Во меѓувреме Георгеисвки се испишува од Медицинскиот и експресно го завршува Правниот факултет. Брани уште три години, а подоцна целосно и се посветува на професијата. Станува еден од најавторитетните судии во Општинскиот, подоцна и во Окружниот суд во Скопје, за да стигне и до судија во Врховниот суд. Добива и одликување – заслуги за народ. Во бракот со балетската солистка Смиљка добива две ќерки Емилија и Александра, од кои втората тргна по стапките на својата мајка и стана врвна балерина.
Лична карта:Тодор Георгиевски-Тоде
Роден во 1933 година во Скопје
Почина во 2015 во Скопје
Кариера:ФК Вардар,ФК Одред и Олимпија (Љубљана)
Репрезентација на Македонија
Успеси:Со ФК Вардар освоен Купот на Југославија 1961 година,
освоено прво место во Југославија со младинците на Вардар
во 1949 година