ВЕЛИКАНИ НА МАКЕДОНСКИОТ СПОРТ – Никола Донев: Скромниот струмичанец е прв одбојкарски репрезентативец од Македонија

by Тони Зографски

-Во периодот кога македонската одбојка се пробиваше кон југословенскиот врв Никола Донев беше најекспонираниот играч кој прв го облече југословенскиот дрес.

-Тој настапи на многу турнири,а беше учесник и на Светското првенство во Бугарија.

-Ако не се вратеше во родната Струмица можеше да постигне многу повеќе и уште долго да го носи репрезентативниот дрес

Една од најмаркантните личности во македонската одбојка, во периодот кога овој спорт доживуваше вистинска експанзија, секако е струмичанецот Никола Донев. Физички одлично граден, со сите атрибути да се развие во голем спортист, Донев уште од раните години беше покрај спортските терени. Како сите деца на почетокот луташе и тешко можеше да се определи во кој спорт да го насочи своето внимание.На крајот ја одбра одбојката во која што доживеа голема афирмација , а со југословенската репрезентација стигна и до Светското првенство…
-Во почетокот од 60-сеттите години многу ме привлекуваше кошарката, па затоа тука бев најредовен на тренинзите, вели Донев. Но, морам да кажам дека бев заинтересиран и за ракометот кој се повеќе ги освојуваше срцата на спортските љубители, а и за одбојката која пак во мојот град Струмица имаше долга традиција уште од првите повоени години. Тренерите ми прогнозираа убава иднина во сите три спортови,но кога мораше да пресечам ,најмногу по инсистирање на мојот братучед се решив за одбојката.


БРЗ ПРОБИВ ВО ЕЛИТАТА
Уште на почетокот од активното бавење со одбојката на сите им стана јасно дека во Никола Донев се крие голем талент. Тој иако и претходно го привлекуваше вниманието на стручњаците,овој пат откако сериозно зачекори на одбојкарскиот терен, дефинитивно стана јасно дека тој е играчот на иднината.
-Се сеќавам на првите тренинзи во салата на Партизан. Имавме само една топка. Ние ќе застаневме во круг и ќе ја префрламе од еден до друг. Некогаш требаше подолго да чекам топката да дојде до мене. Но, такво беше тоа време, немаше услови како денеска, кога има и инфраструктура и топки, дресови, се што е потребно за нормален и квалитетен тренинг. Во една ваква ситуација која не ветуваше многу, сепак ние со нашата настојчива работа успеавме да го подигнеме квалитетот на одбојката за која се повеќе почна да се зборува во Струмица и пошироко.Така и нашите апетити пораснаа, па баравме начин како уште повеќе да ја усовршиме играта.Тогаш во Охрид се организираа семинари за одбојка, кои беа од големо значење за севкупниот напредок на овој спорт. Јас од секој семинар се враќав со нешто ново кое подоцна го вградував во мојата игра.Така, брзо напредував и во 1964 година дојде покана од Вардар да го засилам тимот во квалификациите за Првата лига.Тоа беше големо признание за мене, практично од тие моменти почна мојот вистински одбојкарски живот.
Вардар во тие квалификации не успеа, но затоа патот на Донев кон Скопје беше отворен.Тој набрзо од позајмен играч од Струмица стана постојан член на скопскиот клуб со кој во следната година се натпреваруваше во силната Втора лига.
Потоа, во 1966 година дојдоа нови квалификации за влез во елитата. Вардар во тој период имаше силна екипа во која покрај Донев беа Трифуновски, Буклевски, Митровиќ, Божиќ, Чапов. Сите овие имиња беа гаранција дека во следниот квалификациски обид може да се успее. И навистина така беше. Предводени од професорот Војче Синадиновски Вардар за прв пат влезе во Првата лига.
-Со искуство повеќе и со две засилувања од Бугарија во вториот обид успеавме, – се сеќава Донев и додава:

-Тоа беше мојот најрадосен момент до тој период од кариерата. И самиот не бев свесен дека следните години ќе играм заедно со моите другари во најквалитетната лига на поранешната држава.
Набрзо Донев стана играч за кој се говореше во одбојкарските кругови и на кому му беше прогнозирана блескава иднина.


ПРВ МАКЕДОНЕЦ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА
Прогнозите се остваруваа и од меч во меч Никола Донев се повеќе се докажуваше и ги истакнуваше своите квалитети.
-Тој беше одличен смечер, еден од најдобрите југословенски напаѓачи,- вели за Донев неговиот тогашен капитен во Вардар легендарниот Трифе Трифуновски. Не постоеше блок што можеше да го сопре неговиот удар. Благодарејќи на него освојувавме многу решавачки поени во тешките и исцрпувачки битки. Но, карактеристично за Донев беше и тоа што тој беше одличен и во извршување на одбранбените задачи. Ако неговиот смеч беше опасен, неговиот блок честопати беше непробивен. Знаеше да го одбере моментот, брзо реагираше и го поставуваше блокот на вистинското место. Така ги доведуваше во очај противничките смечери. Накусо речено Донев беше играч со врвни квалитети, но што е карактеристично за него, славата не му удри во глава. Тој иако на многу натпревари беше најдобриот наш играч и новинарите го величеа, остана цврсто на земја што беше уште еден доказ за неговата скромност.
Игрите на Донев не можеа да останат незабележани и од селекторскиот тим на поранешна Југославија,кој беше предводен од големиот стручњак Сиротановиќ. Во 1968 година дојде и првата покана за сениорската репрезентација, што беше големо признание не само за Донев туку и за целата македонска одбојка.Тој стана првиот Македонец – одбојкарски репрезентативец на Југославија.
-Првиот репрезентативен настап го имав против Унгарија, – се сеќава Донев. Ми беше чест,но имав и мала трема, да играм со великаните на овој спорт какви што беа Грбиќ, Бакарац, Кос, Јанковиќ, Бошњак, Марковиќ и Гроздановиќ. Тоа беше еден ветувачки состав кој практично ги удри темелите на репрезентативната југословенска одбојка која подоцна со Владимир Богоевски на чело продолжи успешно да чекори на светската сцена.
Подоцна во составот на Југославија му се придружи и капитенот од Вардар, Трифе Трифуновски. Тоа беше уште една потврда дека одбојката во Македонија е на вистинскиот пат, што всушност се виде неколку години подоцна кога Вардар стана и шампион на Југославија.
Од моментите кога го имаше своето деби против Унгарија, Никола Донев постојано беше следен од селекторот Сиротановиќ кој во 1970 година му даде шанса на Македонецот да игра и на Светското првенство Бугарија.
-Тоа беа незаборавни моменти во мојата кариера. Најнапред игравме во Софија,а потоа во утешната група во Јамбол. На крајот бевме 10-ти што не можеше да се окарактеризира како успех. Меѓутоа, кај нас имаше задоволство, особено од настапите против пореномираните и поискусни репрезентации, особено од играта против Бугарија која на крајот беше поразена од тогашна ДР Германија и заврши како втора. Кога на овој пласман гледам од денешна дистанца можам да кажам дека сепак тоа беше голем резултат.
Во периодот кога ја доживуваше онаа вистинска афирмација, Донев се решава на еден неочекуван потег – се враќа во Струмица! Сите беа зачудени, а тој својот потег го објасни со фактот што во Скопје и покрај ветувањата не доби стан поради што мораше да се врати во родниот град. Со ова скромниот спортист се прости и од репрезентацијата, а неговата кариера продолжи во второлигашка конкуренција. Подоцна се посвети и на тренерската работа во која исто така беше успешен. По осамостојувањето на Македонија во 1993 година ја доживеа големата радост со освојувањето на македонскиот Куп. Во финалето во Струмица пред 3.000 гледачи беше совладана екипата на Југохром.
-За овој успех заслужни беа и големите ентузијасти Ванѓел Трајковски и Васил Сараваков кои за шест месеци го направија она што некои не можат да направат дури ни за шест години, – се потсетува на тие убави мигови Донев.
Низ неговите раце како тренер минаа многу познати имиња на струмичката одбојка кои и денеска опстојуваат и се значајни личности во светот на овој спорт. Како што вели Донев, тоа е најголема сатисфакција за него. Навистина тоа е така,но кога човек ќе помисли до каде можеше да стигне Донев, со оглед на талентот и на неговите квалитети, и нам што добро го познававме и пишувавме за него во тие времиња,некако ни паѓа тешко и жалиме што не се искачи на самиот одбојкарски врв.

Во Тирана-како во театар
Никола Донев откако се врати во Струмица доби покана од Косовска Митровица да го засили тамошниот тим на гостувањето во Тирана.
-Со задоволство ја прифатив поканата и отпатував со екипата на пријателските мечеви во Албанија. Таму одиграв одлично, па известувачот од тој меч за белградски Спорт напиша, зарем Донев не е репрезентативец! Навистина тоа беше убаво доживување, а мене ме зачуди односот на публиката,која воопшто не навиваше, одвреме навреме ќе се слушнеше аплауз, како да сме во театар!

Од натпревар на свадба
Спортистите често ги жртвуваат приватните работи заради обврските кон клубовите.
-Така беше и со мене, по еден натпревар во Струмица морав брзо да се подготвам и да заминам кај матичарот да не ја испуштам регистрацијата и свадбата.

Лична карта:Никола Донев
Роден 1947 година во Струмица
Кариера:ОК Струмица и ОК Вардар
Успеси:Репрезентативец на Југославија,10 место на СП 1970 година
Тренерска кариера:ОК Струмица – освоен првиот Куп на Македонија по осамостојувањето во 1993 година

останати вести

Social Media Auto Publish Powered By : XYZScripts.com