Зоран Михајлов
– Спасовски пред 150.000 гледачи на најголемиот стадион во светот постигна гол против шампионскиот тим на Бразил, бранејќи ги боите на поранешна Југославија во 1968-та година.
-Фудбалер од кого многу зависеше и судбината на Вардар, најголемиот наш фудбалски бренд.
Вардар беше а и натаму останува првиот македонски фудбалски бренд. Квалитетните генерации на скопскиот клуб, нормално ја имаат заслугата што Вардар со години опстанува на водечката позиција. Иако имаше и турболентни периоди- ниту еден македонски клуб не успеа да му го загрози приматот. Вистинскиот Вардар кој профункционира во 1947-та година (инаку има еден документ дека Врадар постоиод 1927 година како скопски лоптачки клуб), во своите редови имаше големи асови во имињата на Симоновски,Кокиновски, Видиниќ, Георгиевски, Дацевски, Цинциевски, Јаневски, Велковски, Миланов, Новаков, Геров, Дончевски, Шулинчевски…Долг е списокот на фудбалерите за да се дојде до оваа денешна генерација на Вардар која секоја сезона се бори или за титулата или за купот. Без еден од овие два трофеја –во Вардар нема да го има она задоволство. Затоа големи се настојувањата на сите еден период дури и на Собранието на градот Скопје, да го одржат Вардар и да не дозволат да го загуби приматот.
Погоре набројав неколку имиња,кои оставија силен печат во клубот и во македонскиот фудбал. Кога би продолжил со тоа набројување – на почетокот од 60-сеттите години ќе дојдеме до едно име, за кое многумина, особено оние постарите љубители на фудбалот сметаат дека е првата македонска фудбалска звезда во минатиот век. Станува збор за Методие Спасовски, популарно наречен од другарите Мете, а од публиката Мето. Со него е поврзан еден убав период на ФК Вардар и македонскиот фудбал воопшто. Тој беше фудбалер кој пленеше со својата појава, а откако ќе тргнеше од крилната позиција кон противничкиот гол, изнудуваше воздишки кај гледачите кои во секој момент очекуваа нешто да се случи. Мето беше – непредвидлив, незапирлив, едноставно ги доведуваше во панична ситуација противничките одбранбени фудбалери. Кога тој тргнуваше во напад, тоа го правеше брзо, фуриозно, а што е многу битно топката постојано беше под негова контрола. Едноставно, толку беше вешт со владеењето на топката,така што немаше шанса таа да му побегне. Неговите изведби на слободните удари од 20 метри и повеќе, беа посебна приказна, нешто што сите го очекуваа на стадионот. Ударите на Мето беа силни, прецизни, милиметарски точни. Уште кога ја местеше топката, растеше возбудата во гледалиштето, а откако ударот ќе беше изведен, сите како да ја гледаа топката во голот. Таквите удари, многупати ја решаваа судбината на Вардар, од нив зависеше и конечниот исход.
Од чаирските улици до фудбалските височини
Методие Спасовски како и сите деца во тоа време, парталавата топка почна да ја шутка низ маалските сокаци. Неговата почетна дестинација беше Чаир, населба во која живееше и во која фудбалот беше нешто посебно. Таму децата имаа привилегија да гледаат и натпревари, зашто на местото каде што е сега стадионот на Слога, уште во тие дамнешни времиња во 50-сеттите години имаше фудбалски терен.
-Во неделите, во претпладневните часови стадионот ни беше зборно место, зашто тука редовно се одигруваа натпреварите на скопскиот потсојуз на кои имаше и повеќе од 1.000 гледачи – се сеќава Спасовски.
– Тоа за нас децата беше многу возбудливо и одвај го чекав моментот, кога и јас ќе се приклучам на некој клуб и ќе почнам да тренирам. Ја имав таа среќа да бидам забележан од окото на познатиот тренер на Единство – Томе Масло, кој ме доведе во екипата и почувствува дека во мене се крие нешто фудбалско.
Навистина Томе имаше право. Не мина долго време а Методие Спасовски веќе се најде во Вардар. Во тие моменти почна оној вистинскиот фудбалски живот на прославениот ас, кој од чаирските улички подоцна стигна и до славната Маракана.
Мето Спасовски првите настапи за Вардар ги имаше во 1962/63 година, и тоа со онаа незаборавна генерација предводена од легендарниот капитен Славко Дацевски, која го освои Купот на Југославија во 1961 година. Во Вардар набрзо станува стандарден, па тоа придонесе за него да се расчуе низ сите тогашни југословенски простори. Тој го привлече и вниманието на селекторите на југословенската репрезентација, па така Мето имаше чест да настапи за поранешна Југославија на пријателскиот натпревар со Бразил, зимата во 1968 година.
-На Маракана имаше повеќе од 150.000 гледачи -се сеќава Мето.
– Можете да замислите каков беше амбиентот. Вриеше како во котел, а јас бев стрелец на првиот гол за Југославија, во мечот што заврши 3:3. Е тоа беше нешто посебно, незаборавно, нешто што може само еднаш да се доживее…
Два гола против Белгија во Скопје
По тој настап за Мето Спасовски уште повеќе се зборуваше во фудбалскиот свет. Вратата во тогашната репрезентација беше подотворена, но не до крај! Велам не докрај, зашто за Мето немаше често место во националниот тим. Тогаш актуелен на истата позиција беше и еден од најголемите југословенски и европски фудбалери Драган Џаиќ. Од друга страна пак, Спасовски беше човек кој не сакаше да се наметнува и мирно ја чекаше својата шанса. А кога таа му се укажа, тој максимално ја искористи. Во квалификацискиот натпревар за Светското првенство против Белгија, во Скопје, во 1969-тата година постигна два од вкупно 4-рите гола на југословенската репрезентација.
-Знаев дека и тоа нема да биде доволно да станам стандарден репрезентативец, зашто Џаја секогаш имаше предност – вели Спасовски.
– Не бев обесхрабрен, едноставно се помирив со ситуацијата. Не бев оптоварен со помислата дека морам да играм за репрезентацијата. Дури на една покана за настап го одбив селекторот, под изговор дека имам мала повреда. Едноставно ја загубив желбата да играм само повремено за националниот тим. Моите амбиции беа насочени само кон настапите за Вардар и за што поуспешно негово презентирање на фудбалската сцена. Во тоа мислам дека успеав и поради тоа сум многу среќен.
Спасовски беше творец на многу победи на Вардар, меѓу кои и на онаа во квалификациите за Првата лига во 1971 година, кога голот од слободен удар против Осиек во гости, се покажа како судбоносен за повратокот во елитното друштво.
Методие Спасовски како и другите квалитетни фудбалери од поранешните ју-простори, еден период од кариерата мина и во германскиот Сарбрикен, со кој во 1976 година влезе во првата Бундес лига. Носталгијата го влечеше, па повторно доаѓа во Вардар, својата најголема фудбалска љубов. Тука беше учител на младите, потоа во неколку наврати и тренер на првиот тим, за подоцна да стане и прв оперативец на клубот. Паралелно со тоа ја негуваше и работата во својата пицерија популарната “511“, која стана и семеен бизнис.
Скромноста главна особина
-Да беше некој друг на негово место, со такво фудбалско педигре кој знае дали ќе можеше со него да се зборува – знаеше често да каже поранешниот претседател на Вардар, покојниот Филип Ѓурчиновски. Но, Мето е нешто друго, тој и покрај тоа што стана големо фудбалско име остана скромен и многу вреден.
Истото ова го имав многупати слушнато и од неговите соиграчи, а и од големиот ас Стјепан Бобек, кој еден период беше тренер во Вардар. Но,и да не го слушнев ова од нив, јас добро го знаев тоа – зашто еден период кога го напушти активното играње, двајцата бевме во Вардар – јас во улога на генерален секретар, а тој како главен оперативец во клубот. Навистина беше задоволство да се соработува со него.
Скромен и вреден остана до ден денеска…
Златниците на Бобек
Се сеќавам и на еден многу интересен детал. Стјепан Бобек во едно носталгично расположение, на денот кога го напушташе Вардар, по заедничкиот ручек на излегување од кафеаната Кукуш на тогашниот Кеј 13 Ноември, веднаш под вардаровите простории, се сопна и падна. Во тој момент полетаа на плочникот неколку златници од џебот на Штеф (Бобек) купени од еден златар во чаршијата за спомен од Скопје, се разбира наменети за неговата сопруга. Мето веднаш притекна во помош, најнапред го подигна Бобек, а потоа ги собра и златниците.Тоа го направи многу брзо, така што другите и не го забележаа тој момент. Потоа го фати под рака Бобек, кој очигледно беше збунет од падот, и веднаш му ги стави златниците во џебот од сакото. Јас бев зад нив, па Мето ми дофрли:
-Збунет е многу му е жал што го напушта Вардар и Скопје .Ќе го испратам до хотелот…
Заминаа кон Гранд-хотелот. Ги следев и си помислив-ех,какви фудбалски величини беа двајцата.
Лична карта: Методие Спасовски
Роден 1946 година во Скопје
Кариера: ФК Вардар и ФК Сарбрикен (Германија)
Настапи: 375 првенствени средби за Вардар -76 голови
3 настапи за Југославија – 3 голови
Тренерска кариера: ФК Вардар- тренер од пионери до првиот тим