Зоран Михајлов
– Змејкова Созовска беше водечката атлетичарка на нашиве простори во 60-сеттите години ,а во државниот дрес стигна и до 6-тото место на Балканскиот крос во Истанбул
-1963 година.-Младинска и сениорска првенка на Југославија во крос,повеќекртна шампионка на Македонија во крос и рекордерка на 800 метри
Кога ќе се погледнат и споредат резултатите во атлетиката во Македонија од денеска до оној период кога практично ,,кралицата,, на спортоввите ги правеше првите чекори (по Втората светска војна), ќе дојдеме до еден парадокс. Имено, ќе видиме дека тогаш ова наше поднебје имало многу поголеми шампиони со резултати во некои дисциплини кои се подобри и од овие денешниве. На 100 метри на пример во 50 -тите години Чедо Шаревски стандардно трчаше на границата од 11 секунди, за потоа истите резултати да ги повторат и Ратко Жунгулов и Миле Младеновиќ. Подоцна Зоран Тасевски рачно мерено истрча стотка во Стара Загора за 10,60 секунди! Денеска рекордот на Пандев навистина со електронско мерење изнесува 10,61 секунди. Кога би се додале оние стотинки за горе-долу да се израмнат двете мерења тогаш резултатот на Тасевски би одговарал на 10,80 секунди. Но, замислете го тоа време – без тартан и услови, со денешново? За жал слична е состојбата кога би правеле споредба на резултатите(тогаш и сега) и во другите дисциплини.
Од гимнастика во атлетика
Крајот на 50-сеттите години го одбележаа неколку извонредни поединци.Љубиша Трбоевски беше југословенски вицешампион на 10 километри, веднаш зад легендарниот Фрањо Михалиќ која на Олимпијадата во Мелбурн 1956 година беше втор во маратонската трка. Покрај него во тој период се појави една плејада млади атлетичари ,предводени од Елица Змејкова, подоцна Созовска. Токму за неа ќе стане збор во овој запис од тие времиња, зашто таа навистина беше првата атлетска звезда во Македонија и стандардна репрезентативка во поранешна Југославија.
Со името на Елица Змејкова е поврзан еден долг период во македонската атлетика. Таа во свoите настапи на средните и долгите патеки особено на почетокот од 60-сеттите години од минатиот век, не дозволуваше никој да и го загрози приматот и постојано, најчесто во соло-трки ги освојуваше првите места. Едноставно, благодарејќи на својата настојчивост и волја, беше непобедлива на овие наши простори, а својата сила ја покажа и на бројните трки низ поранешна Југославија. Таа стана стандардна репрезентативка, атлетичарка без која не можеше да се замисли државниот тим. На делницата од 800 метри долги години беше и рекордерка на Македонија.
-Интересен беше мојот спортски почеток, раскажува Елица Змејкова-Созофска. Како ученичка во тогашното Средно фискултурно училиште се занимавав со сите спортови. Сепак, најмногу бев загреана за гимнастиката во која ме воведе професорката Катица Димова. Таа многу очекуваше од мене, но сите нејзини настојувања дека од мене ќе создаде голема гимнастичарка паднаа во вода, откако ја извојував првата победа на училишниот атлетски крос. Тогаш ми пријде професорот Чедо Шаревски, кој беше и атлетски тренер и рекордер на Македонија на 100 метри, и ми рече дека мојата перспектива е во атлетиката. Долго време се мачев и размислував каде да продолжам. Конечно по многу прекршувања во самата себе решив својата спортска кариера, сепак, да ја градам во кралицата на спортовите. Така и јас , како и десетина мои соученички се најдов на Градскиот стадион, во соблекувалната на АК Работнички.
Незаборавно другарство
Елица се сеќава и на многуте трки и победи потоа на настапите во дресот со државниот грб, но никогаш нема да го заборави другарството кое владееше и беше основа за постигнување на резултатите.
-Натпреварите беа едноно дружењето беше нешто друго, нешто незаборавно! Сите живеевме како едно големо семејство. Никогаш не се жалевме на условите, секогаш настојувавме со една позитивна мисла да гледаме кон иднината. Доволен ни беше само чајот што се вареше на ќумбето сместено во центарот од соблекувалната под јужната трибина. Елица Змејкова за кусо време стана столб на Работнички. Набрзо ја освои и титулата републичка првенка во крос, а почнаа да се редат и победите на патека, особено на делницата од 800 метри. За уште повеќе да ја засака атлетиката придонесе и победата во крос трката на младинското првенство на Југославија во Љубљана во 1962 година, кога во истата трка нејзиониот Работнички на изненадување на сите стана и екипен победник.
-Титулите ме разгалија и од тие моменти почнав со уште поголем елан да тренирам и да се подготвувам за нови подвизи. Со професорот Шаревски подготвивме една обемна програма, во која главна цел беше освојување на сениорската титула во крос и пласман во државната репрезентација.
Веќе следната година Елица Змејкова се искачува на највиоското место на пиедесталот на кросот во Осиек. Во силна конкуренција, во една голема борба со дотогаш стандардните репрезентативки Рајков, Фаркаш и Мировиќ, Змејкова прва мина низ целта и стана сениорска првенка на Југославија. Овој успех ширум и ги отвори вратите во државната репрезентација во која подоцна неколку години беше стандардна членка.
Репрезентативно деби во Истанбул
Во наредните сезони југословенската репрезентација,особено на балканските крос-натпревари не можеше да се замисли без Змејкова.Таа како да се специјализира за трките низ придода. Од многуте настапи по успехот во Осиек, Змејкова посебно се сеќава на Балканскиот крос во Истанбул во 1963-тата година.
-Во градот на Босфор беше моето репрезентативно сениорско деби, раскажува Змејкова. Тремата беше огромна, но знаев дека сум добро подготвена, верував во себе и без страв влегов во дуел со противничките од Бугарија и Романија, меѓу кои имаше не само шампионки на своите земји, туку и рекордерки – со резултати блиски до светските рекорди во трките на 800 и 1.500 метри. Уште од стартот на делницата од 2.000 метри се приклучив на челната група и се до финишот успевав да се одржам во неа. На крајот бев шеста, најдобропласирана од сите атлетичарки од поранешната држава. Тоа за нашата атлетика беше голем успех, а за мене неизмерна радост…
Змејкова и потоа имаше успешни настапи на трките. Но,мораше да размислува и за иднината, па така се реши полека да се повлекува и се повеќе да се посветува на професорската работа. Искуството од бавењето со атлетиката и овозможи да биде успешна и во професионалниот живот. Стана добитник и на наградата за животно дело од Меѓународниот олимписки комитет. Беше омилена професорка по физичко воспитување во гимназијата Јосип Броз Тито во Скопје. Тука го најде и својот животен сопатник професорот Јован Созовски, кој долг период беше директор на гимназијата. Двете ќерки покрај тоа што им подарија три внуки се успешни во своите професии. Цветанка е магистар по чембало и предава на Универзитетот во Утрехт а помладата Ратка предава германски на факултетот во Зиген.
Со воз од трка на трка!
Со оглед на тоа што АК Работнички беше железничарски клуб,на трките низ поранешните југословенски просторти се патуваше со воз,за кој билетите беа – гратис.
-Некој денеска ќе рече – како издржувавте да патувате со воз од Скопје до Сплит, Љубљана, Марибор, Осиек …Јас ќе кажам само дека тоа беа убави патувања,иако долги и напорни, сепак пријатни. Во тоа време навистина за нас членовите на Работнички беше привилегија без да потрошиш свои пари да ја прокрстариш целата држава Во текот на патувањата имаше многу доживувања,се раскажуваа и вицови, па така километражата што ја минувавме и не ја чувствувавме.
Награда: боза, баклава и еклери
– Иако речи си повеќето од половината атлетичари и атлетичарки на Работнички бевме прваци на Македонија и рекордери, а некои и репрезентативци на Југославија, останавме скромни. За нас најголемо задоволство беше кога по освоената екипна титула на Македонија ќе одевме во слаткарницата “Ванила“ и тука како награда за успехот ќе бевме почестени со боза ,баклава и еклери. Тука беа и тренерите предводени од Чедо Шаревски и членовите на Управата, од кои најактивни беа браќата Димитрови кои своевремено исто така беа атлетичари. Амбиентот штто се создаваше уште е во моите сеќавања, – раскажува Елица.
–
Лична карта: Елица Змејкова-Созовска
Родена: 1944 година во Скопје
Кариера: АК Работнички
Успеси: Првак на Југославија во крос, репрезентативка ,6-та на Балканскиот крос во Истанбул 1963 година, екс-рекордерка на Македонија на 800 метри.