Зоран Михајлов
Лична карта: Атина Бојаџи
Родена 1945 година во Охрид
Почина во 2010 во Скопје
Кариера: ПК Охридски бранови и Црвена звезда (Белград)
Тренерска кариера: Тренер во школата на Ц.звезда и во САД
Успеси: Светска шампионка во маратонско пливање, препливан каналот Ла Манш во 1969 година, победник на повеќе светски маратони
Атина Бојаџи мина низ многу животни премрежија. Детските и младешките години ги мина во семејната куќа во Охрид, на чекор од езерото. Потоа, носена од желбата да го преплива Ла Манш, а барајќи подобри услови за тренинг и подготовка со сопругот и синот Новак се сели во Белград. Тука работеше и како тренер на пионерите на Црвена звезда.
Откако го преплива каналот нејзиниот сопруг, кој беше воено лице, добива прекоманда и семејството се сели во Сараево. Атина неможејќи да се помири – да остане без пливањето решава и заминува во Беверли Хилс во САД, каде работи како пливачки инструктор. Таа е прифатена од еврејското семејство Бајрон, кое ја третира како своја ќерка. Кога се распаѓа Југославија доаѓа назад, и тоа токму во виорот на војната во Сараево. Оттука, по иницијатива на колегата Мирослав Наумовски-Лав, тогаш главен уредник на весникот Скок, кој беше иницијатор за возобновување на Охридскиот маратон, со ангажирање и на тогашниот претседател на Македонија Киро Глигоров, Атина Бојаџи се враќа во татковината. Таа е назначена за генерален секретар на Охридскиот маратон, кој по долгогодишна пауза почна повторно да се одржува. За жал во 2010 година Атина Бојаџи ненадејно ја напушти животната сцена, оставајќи зад себе големо дело, што претставува гордост за целокупниот македонски спорт.
АТИНА ВЕЛИКАН НА МОК
Атина Бојаџи има добиено многу признанија. Но, како што знаеше да каже ,едно од највредните е – прогласувањето за великан на МОК.
Таа до крајот од животот остана скромна и не сакаше многу да се фали со сето она што го имаше добиено од сите страни-како признание за постигнатите резултати.
ОДЛИКУВАЊЕ ОД ТИТО
За освоената светска титула и победата на Охридскиот маратон, а подоцна и на другите маратони во светот Атина Бојаџи беше одликувана од претседателот на поранешна Југославија, Јосип Броз Тито. Таа е носител на Орденот за храброст и посебни заслуги.
ЗА ФИЛМОТ „ИСПРАВИ СЕ ДЕЛФИНА“
Во разговор со Атина околу сценариото на филмот „Исправи се Делфина“ некако беше воздржана. Не се впушташе во коментари, добивав впечаток дека со некои секвенци што се однесуваат на нејзиниот приватен живот како да не се согласува. Што се однесува пак до спортскиот момент, таа немаше никакви забелешки дури и самата беше воодушевена од начинот на кој сето тоа беше прикажано. Особено беше импресионирана од Неда Арнериќ, која на најубав начин го одглуми препливувањето и маките што ги доживуваше Атина, додека се бореше со струите и немирните води на каналот.
СЕКОГАШ ДУХОВИТА
Често пријателите ја потпрашуваа зошто толку млада се омажи. Во годините кога требаше уште повеќе да се прослави на спортски план таа нешто по 20-тата година се омажи, а веќе на 23 години стана мајка. И за ова Атина имаше духовит одговор и тоа на охридски:
-Ами се уплашив да не останам немажена…