Зоран Михајлов
Ако еден спортски успех e инспирација да биде снимен филм за него,тоа значи дека се работи за голем подвиг. Препливувањето на каналот Ла Манш, што беше сон на секој пливачки маратонец, беше инспирација за познатиот филмски режисер Милан Ѓурчинов на филмското платно да ни ги пренесе херојските мигови на најдобрата македонска спортистка на минатиот век Атина Бојаџи, која во 1969-тата година стана една од првите жени која го скроти и преплива „страшниот“ канал. Така по легендарниот Нико Нестор, Македонија доби уште едно име кое се запиша во историјата на Каналот, за потоа во 2009 и 2010 година на списокот што го препливале Ла Манш да се најдат уште две имиња на македонски маратонци: Томи Стефановски и Игор Димовски.
Сите овие подвизи, додавајќи го тука и годинешниот и минатогодишниот триумф на Евгени Поп Ацев во светскиот ФИНА куп, а и освоената светска титула на Дики Бојаџи во 1960 година на патеката Капри-Неапол, потоа победите на Климе Савин на светските маратони, потврдуваат дека Македонија навистина претставува фактор во светот на маратонското пливање.
По овој мал вовед, колку да се знае какви маратонци имала нашата држава, се враќам на Атина Бојаџи, која за жал пред 6 години ја напушти животната сцена. Ќе се обидам, користејќи сегменти од емисијата посветена на македонските спортски легенди, што ја снимив со неа пред 7 години, да го презентирам она највозбудливото и најбитното од нејзиниот спортски живот.
Како и сите охридски деца, особено оние што живееја во близина на езерото, кај црквата Света Софија и тогаш популарната плажа Сараиште, и Атина од раното детство влезе во езерските води. Езерската шир беше предизвик. Нејзината желба да стане пливачка беше подгреана и од фактот што нејзиниот постар брат Дики, кога таа запливуваше, веќе беше пионерски и младински првак на Македонија во повеќе дисциплини.
-Сите тие моменти, ми велеше во емисијата Атина, влијаеја да го засакам пливањето и од 7 годишна возраст не само да се „брчкам“ во водата, туку и сериозно да запливам. Така и јас, како и многу мои врсници и врснички се најдов на списокот на пливачите на Охридски бранови, каде диригентската тренерска палка ја имаа Славе Филев и Алеклсандар Леко Радиќ (н.з основоположникот на маратонското пливање,кој неодамна во 87-та година од животот почина).
Почетоците на пливачката кариера на Атина Бојаџи беа ветувачки. Таа почна да победува на првите трки, но она што импресионираше кај неа – тоа беше големата издржливост. За неа Леко велеше дека – ако ја оставиш во езерото цел ден може да плива и да не се умори! Токму таа особина беше она што го заинтригира искусниот тренер, кој набрзо по првите трки и предложи да почне да тренира и да се подготвува за маратонското пливање. На таа возраст со 15-16 години малку беше невообичаено едно девојче да почне да се занимава со овој напорен спорт, но за Атина очигледно тоа не претставуваше проблем.
-Тренирав напорно и ја чекав првата шанса да стартувам во една маратонска трка. Инаку, често на тренинг пливав од Охрид до Горица и назад, потоа од Пештани до Охрид и така од година на година делниците се зголемуваа. Моја среќа беше што во 1962 година се одржа првиот Охридски маратон, кој беше и официјално светско првенство во маратонско пливање во слатки води.
Кога зборуваше за Охрид и првиот маратон беше очигледна големата возбуда кај неа. Ги споменуваше имињата на прославените маратонци од Египет Абу Хеиф и Мохамед Зајтунг. Тие за неа беа легенди, па едноставно не можела да поверува- кога Леко Радиќ и соопштил дека и таа, иако тогаш имала 18 години, ќе стартува во трката на патеката : Пештани-Струга-Охрид.
-Во првиот момент ме обзеде страв. Но, потоа се смирив и си реков, па и другите се луѓе како мене, зошто да не ги измерам силите со нив… Сепак возбудата кулминираше во моментите додека одевме кон стартот. Само до пред некоја година ваму на овој пат и кон плажите во Горица, Свети Стефан, па до Пештани, доаѓав од задоволство, а сега чувствував како да носам голем товар на грбот. Си мислев како ќе биде, дали ќе издржам. Но, тремата беше присутна до моментот на стартот, потоа се се заборава и се мисли само на трката и на рационалното распоредување на силите. Тука беше Леко Радиќ, во кого имав голема доверба. Тој знаеше во секој момент како треба да се однесувам и со колкав број завеслаи во една минута да пливам. Сета тактика нему му беше препуштена, мое беше да го слушам и да пливам.
Атина во таа трка го искажа сиот свој талент, надополнет со сите други неопходни особини за една маратонка. Благодарејќи на својата настојчивост, издржливост и желба да успее, покрај многуте кризи што ги доживуваше во текот на трката, особено на делницата од Струга до Канео, се надмина себеси и на изненадување на сите –во женска конкуренција прва мина низ целта и ја освои титулата светска првенка. Радоста беше голема, а гледачите ги имаше преку 20 илјади, со голема возбуда, воодушевување и аплаузи ја поздравија победата на младата охриѓанка. Со овој триумф вратата во светот на елитата беше ширум отворена. Потоа, почнаа да се редат и многу други маратони, а дојдоа уште три светски титули за охридската хероина.
Пливачкиот свет од таа 1962 година, по победата на Охридскиот маратон, почна со пиетет да зборува за младата шампионка. Сите сакаа да ја видат во својата средина, а покани за настапи на најголемите светски маратони доаѓаа од сите страни. Атина Бојаџи стана една од најпочитуваните светски маратонки, а настапите и резултатите на следните маратони секогаш ја одржуваа во светскиот врв.
(Продолжува)