Анѓушев се повлекува од Борец откако тоа го најави пред десетина дена после Собранието на Општинскиот фудбалски сојуз Велес, кога незадоволен што меѓу делегатите од ова ОФС нема ниту еден претставник на клубот, влезе во војна и со ФФМ, обвинувајќи дека првиот човек на велешката организација Лазар Ракиџиев за да си го задржи местото потпретседател во ФФМ, направил Собрание и избрал делегати за да му угоди на првиот човек Муамед Сејдини.
„На денешниот состанок донесовме одлука дека Брако како компанија не треба да продолжи да финансира во спортски федерации, чии раководства немаат респект кон спонзорите и онака како што слушаме од Агенцијата за млади и спорт, истите не се усогласени со законите на Македонија. Во таа смисла, објавуваме дека Брако ќе престане да го финансира клубот и во иднина својата репутација како општествено одговорна компанија ќе ја надгради преку стипендирање на одлични студенти од велешката општина, претежно, но не едиснствено на техичките науки“, објавија од компанијата Брако на Анѓушев, а пренесува порталот „Батали.нет“.
Борец сега влегува во неизвесност и практично се откажува од прволигашкото друштво, а фудбалерите после победата против Тетекс со 2-0 во контролен меч, ги добиле лошите вести од својот газда.
„Со оглед на тоа дека Борец А.Д. нема никакви долгови, а при тоа на јавно дадената понуда клубот да го преземе некој кој има добра намера и цел кон фудбалот (пред се, раководните лица на ОФС Велес), до денес на понудата нема пријавени и поради тоа фудбалерите и сите вработени во клубот ќе бидат комплетно исплатени до денешен ден и за тоа уредно ќе ја добијат целата документација“, се потенцира од компанијата Брако.
Борец првпат заигра прволигашки фудбал во минатата сезона после пауза од 18 години, а остана во лигата, откако пандемијата со коронавирус ја прекина сезоната, па ФФМ реши никој да не испадне и лигата да се прошири на 12 екипи за да влезат најдобрите два прволигаши од источната и западната група дотогаш.