М-р Калиа Поповска
советник за депресија, анксиозност и проблеми во однесувањето
Web strana: https://www.kaliatherapylondon.com/
Instagram: kalia.therapylondon
Љубовта е еден од најголемите извори на радост и интензивно задовоство во животот но може да биде и огромен извор на болка. Тоа е сила која има моќ да нé стави на врвот на облаците или во длабока, темна дупка.
Во новата романса, на почеток, љубовта е слепа, сакаме од срце, а не од глава. Мозокот станува нелогичен. Кога светот е исполнет со виножито и пеперутки, сé што прави партнерот е правилно. “Заслепени” од љубовта не можеме да видиме ниту една мана на нашата љубов.
Ги пренебрегнуваме црвените знаменца или недостатоците во карактерот. Во фаза сме на желба и страст. Во оваа фаза на силна привлечност, на партнерот му даваме повеќе слобода, повеќе простор за грешки бидејќи правилата во врската се различни и имаме помалку правила. Во многу случаи немаме никакви правила – само сме воодушевени што сме заедно со партнерот. Среќни сме што имаме можност да го направиме среќен. Што и да прави или каже ние сме занесени со идеата за него.
На почеток на врската сакаме целосно од срцето, ја прифаќаме љубовта и занесот, предпазливоста ја нема. Размислуваме “Се чувствувам жив, ќе ја направам врската совршена.” “Што го прави партнерот среќен, што го возбудува?” “Уживам учејќи за него, уживам заедно да истражуваме.”
Во даден момент од животот речиси сите од нас ќе сретнеме некој што ќе нé собори од нозе. Ќе сакаме да направиме сé што е во наша моќ за да ја одржиме врската, без оглед на цената по нашето здравје. Кога сакаме од срце, во слепата фаза, не размислуваме за тоа колку даваме и за тоа колку партнерот не одговара на сликата за совршени партнер во нашиот ум.
Што ја доведува оваа фаза до крај? Кога љубовта повеќе не е слепа? Зошто престануваме да сакаме од срце?
Ако врските се толку лесни тогаш сите би биле во среќна врска. Но….
Додека излегуваме од фазата на “меден месец” почнуваме повеќе да користиме логика, главата ја превземе активноста, почнуваме да стануваме посвесни за особините што сме ги игнорирале на почетокот на врската. Размислуваме “Како може да заборави дека не јадам кисели краставички? Како можам да бидам со таков човек?” “Дали ќе се сети на мојот роденден. Јас толку многу се потрудив за неговиот?” “Дали ќе се сети да ми помогне околу спремањето, а што ако не?”
Сега, правилата што ги имаме за тоа како партнерот треба да се однесува, каква да биде врската и што заслужуваме, ги надминуваат позитивните емоции што ги имавме кога љубовта беше
слепа. Партнерот веќе не е возбудлив, недостатоците повеќе не се симпатични, маните стануваат досадни.
Малите работи почнуваат да се натрупуваат, почнуваме да чувствуваме огорченост или напнатост кон партнерот, го казнуваме за неговите недостатоци и врската може да стане токсична. Повеќе не чувствуваме дека се задоволуваат потребите во врската. Се вртиме кон други места за нашата љубов и внимание, работа, деца, пријатели, хоби.
Кога сме привлечени љубовта е слепа и лесна. Љубовта станува тешка кога го оставаме срцето и влегуваме во нашата глава. Сега привлечноста кон партнерот треба да се одржи и негува со сочуство и искрено разбирање, храброст и ранливост, време и внимание.