М-р Калиа Поповска
советник за депресија, анксиозност и проблеми во однесувањето
Web strana: https://www.kaliatherapylondon.com/
Instagram: kalia.therapylondon
Животот е полн со подеми и падови. Се случуваат неочекувани работи, предизвици, трауми, кои ги потресуваат “здравите” луѓе. Никој не избира да има проблеми со менталното здравје.
Грижата за нашето ментално здравје во голема мера е наша одговорност. Тоа не е само терапија со лекови и медитација. Има и работи кои НЕ треба да ги правиме за да си помогнеме.
Однесувања и постапки кои може да наштетат на нашето ментално здравје:
Изолација – да се биде исклучен од луѓето го зголемува ризикот од депресија, анксиозност, осаменост, стрес, срцев и мозочен удар. Изолацијата кај лабораториските животни физички го менува мозокот, мозокот се намалува, настануваат мозочни промени слични како кај паценти со Алцхајмерова болест. Клучно е да се градат и одржуваат здрави интеракции со луѓето.
Оскудни социјални интеракции – интернетот и социјалните медиуми овозможуваат “поврзување” со илјадници луѓе ширум светот и тоа е добро. Но е и бегство од реалноста, бегство од реалните физички соцјални интеракции. Излегувањето и времето поминато со пријатели, блиски и запознавање нови луѓе помага за добро ментално здравје.
Потиснување на чувствата и мислите – не ги победуваме негативните емоции (страв, тага, гнев) со игнорирање или потиснување. Треба да се соочиме со нив, да поминеме низ нив и да ги обработиме. Кога ги игнорираме тие може да се насоберат и да експлодираат со силен интензитет. Овие моменти водат до емоционални сломови и испади, напади на паника.
Не се ставате на прво место – кажувањето “да” за сé и на секого води до недостаток на време, стрес, огорченост, умор.
Мултитаскинг и зафатеност – за доброто на менталното здравје треба да се разбере разликата помеѓу важни и неважни, ситни задачи. Занимавање со многу ситни задачи може да води до исцрпеност, стрес, лошо расположение, недостаток на енергија за навистина важните задачи.
Невежбање – вежбањето има многу психолошки, емоционални и ментални придобивки. Вежбањето го подига расположението и помага подобро да се справиме со стресот.
Недостаток на сончева светлина која помага за добро расположение, го оптимизира дневно ноќниот титам, го подобрува спиењето. Сето тоа води до поздрав ум.
Недостаток на сон – анксиозноста, депресијата предизвикуваат и влошуваат недостаток на добар сон. Врската е двонасочна, намалено и неквалитетно спиење влијае на емоциите и менталното здравје.
Брза храна, алкохол и дроги – често се начини на справување со негативните емоции, но самите тие ја влошуваат и анксиозноста и депресијата.
Многу луѓе се впуштаат во лоши навики кои може да се примамливи. Лесно е да се избегнат социјалните контакти и да се одвлече вниманието со безбројните социјални мрежи, лесно е да се остане буден цела ноќ и да се гледа телевизија пропратено со алкохол и брза храна.
Но што можеме да направиме за да го подобриме нашето ментално здравје?
Грижата за нашето ментално здравје е во наши раце и сé што правиме (или не правиме) работи за или против нас. Затоа треба да се обидеме да направиме што можеме за да си помогнеме да се чувствуваме подобро.