М-р Калиа Поповска
советник за депресија, анксиозност и проблеми во однесувањето
Web strana: https://www.kaliatherapylondon.com/
Instagram: kalia.therapylondon
Перфекционистите имаат големи очекувања од себе и лути се на себе кога работите не одат совршено. Ова влијае на самодовербата, а високите стандарди што ги поставуваат ги обесхрабруваат и спречуваат да се постигне целосниот потенцијал.
Само-перфекционистите го држат “совршеното” како стандард за себе. Не сакаат да прават грешки, да покажат недостатоци или да не успеат во тоа што го прават.
Многу се строги кон себе, се самокритикуваат, самопонижуваат, се опишуваат како “неспособен.” Преокупирани се со грижата како згрешиле во минатото и поминуваат многу време мислејќи на тоа.
Социјалните перфекционисти очекуваат луѓето околу нив да се однесуваат спрема нивните стандарди на совршенство, се вознемируваат кога тие стандарди не се исполнети, кога другите имаат различно мислење, желби или потреби од нивните.
Социјалната анксиозност е тип на перфекционизам. Особата е многу преплашена социјално да не се подлизне, се затвара, целосно ги избегнува социјалните ситуации. Може да има напад на анксиозност во ситуација кога вниманието е насочено кон нив. Бараат изговори да избегнат социјални ситуации кои ги вознемируваат.
Перфекционистот за работа и учење поставува неразумно високи цели, самокритичен е, фрустиран е кога не постигнува, се откажува кога не може веднаш нешто да научи. Силно се вознемирува кога не добива совршен резултат. Длабоко е загрижен за несовршенствата на нешто на што работи. Брзо се разочарува и се откажува и пред проектот да помине во развојна фаза. Така може да ги забетонира амбициите и напредувањето во кариерата.
Стапица на споредувањето – невозможно е да не гледаме што прават другите и да не се мериме. Обидот да стигнеме до некој на кого му се восхитуваме е начин да се мотивираме. Но луѓето кои влегуваат во замката на споредување се споредуваат со извонредно вешти и успешни луѓе и се самоказнуваат кога не го достигнуваат истото ниво. Успесите на другите прават да се чувствуваат лошо за себе.
Како да се бориме против перфекционизмот и потребата за совршенство?
Промената на начинот на размислување е решението – од начин што фаворизира совршенство во начин кој фаворизира напредок. Совршенство е невозможно да се постигне, а напредокот е во наши раце – сé додека се трудиме.
Практикувајте свесност, внимание – одлична техника за намалување на анксиозноста, главниот проблем кај перфекционистите:
– бидете присутни во дадениот момент, “тука и сега”
– забележете го сегашниот момент што гледате, што слушате, мирисите, сензациите, чувствата
– фокусирајте се на дишењето, вдишете бавно и длабоко, издишете бавно и долго.
Бидете љубезни кон себе:
– кога лошо мислите за себе, веднаш поправете со пољубезна мисла. Наместо “Баш сум несмасен” помислете “Ништо страшно, секој може да згреши ”
– запрашајте се што би му кажале на пријател кој е загрижен за работите како што сте вие
– грижете се за себе, за здравјето и добро да се чувствувате
– редовно правете нешто убаво за себе – почестете се со убаво чоколадо, после напорен ден дозволете си да седнете на кафе, закажете масажа, не мора да е нешто скапо
Дозволете си да бидете несовршени. Ќе видите дека не е крај на светот.