М-р Калиа Поповска
советник за депресија, анксиозност и проблеми во однесувањето
Web strana: https://www.kaliatherapylondon.com/
На патот до остварување на целите може да се јават пречки кои никогаш не сте ги предвиделе. Мотивацијата се намалува, соништата изгледаат потешко остварливи, се сомневате во вашата способност да ги остварите целите.
Како да соберете сила и да го направите патувањето пријатно исто колку што е и самата цел?
Вежбајте самосочувство – вродената тенденција кон социјална споредба и стремежот на општеството за совршенство прават нашите цели да изгледаат како фатаморгана. Стравот од неуспех во нашиот ум ја саботира мотивацијата. Да се биде љубезен кон самиот себе дава сила да се соочиме со стравовите, реални и замислени. Запрете го внатрешниот критичар, кажете си љубезни зборови, пргрнете се, престанете да се осудувате, заменете ги мислите на осуда со понеутрални изјави.
Управувајте со вашите енергии – за постигнување на целта енергијата треба максимално да се фокусира на тоа што го сакаме. Работење повеќе задачи во исто време (multi-tasking) троши енергија и резултира со слаби перформанси. За да стигнеме до врвот треба да ги максимизираме четирите енергии: физичка (грижа за телото), емоционална (смирување на емоционалните падови), ментална (контрола на вниманието) и спиритуална (поврзување со желбата и вољата што ги движи нашите цели).
Свртете се кон другите – социјалното опкружување е силна поддршка за издржливоста, среќата и успехот што ги имаме. Кога ги губиме целите од вид, доверливиот “друг” нé потсетува, ни дава сила да се вратиме назад во играта. Позитивните врски даваат конструктивни повратни информации и поддршка за постигнување на целите.
Создадете нови навики – поголемиот дел од животот го живееме “безсвесно” како резултат на програмирањето во детството. Автоматското однесување во даден период добро ни служело. Кога се зафаќаме со нешто ново старите навики повеќе не помагаат. Создадете нови навики кои помагаат во одржување на мотивацијата и зголемување на ефикасноста.
Преиспитајте ги моделите на размислување – кога работите стануваат тешки почнуваме да се сомневаме во сопствените способности, ограничувањата стануваат сé поголеми во нашите очи. Време е за преиспитување за начинот со кој ги објаснуваме пречките ако проблемот го земаме персонално (ние сме виновни), ако сметаме дека ништо не работи и дека никогаш нема да се промени.
Разбивање на целите – мотивацијата силно зависи од допаминскиот систем. На патот кон целта треба да се чувствуваме наградени, да се “пумпаме” со допамин кој нé тера да сакаме да продолжиме. Со разбивање на големата цел на помали и остварувајќи ги, ќе имаме постојано дотур на допамин, ќе се наградуваме што ќе даде гориво да продолжиме до остварување на големата цел.
Насладете се на успехот – не заборавајте да уживате во успехот и да го видите доброто додека напредувате. Преживејте ги достигнувањата, осознајте ги напорите кои сте ги направиле, дозволете задоволството од добро завршената работа да ве исполни со топлина.
Смејте се гласно – се ослободуваат хормоните на стрес и се хармонизира физиолошката и психолошката состојба, се оддалечуваме од стравот од неуспех кој нé имобилизира.
И сетете се на малото дете како научило да оди, чекор по чекор, прво лазејќи, потоа скала по скала, без да обесхрабри од неуспех дека веднаш не може да трча, без да се обвинува поради паѓањата, без да очекува дека ќе има совршен чекор. Чекори со насмевка која предизвикува поддршка и немилосордна желба да се стигне до целта.