Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Јо-Јо ефектот подразбира повторувачко губење на килограмите и нивно повторно ставање во поголем број – искуство кое го има скоро секој кој некогаш бил на диета.
Разочарувачки е кога после недели или месеци откажување од слатки и омилени јадења, дисциплина, следење на диетата и постигнување на целта, да се вратат изгубените килограми и уште полошо – да се додадат повеќе отколку што се имало пред диетата. Таа фрустрирачка појава е Јо-Јо ефект.
Со гладување на телото му порачуваме дека настапил тежок период во кој не можеме да “набавиме” храна. Организмот почнува да се “плаши” колку долго ќе трае периодот на гладување. Затоа го успорува метаболизмот, почнува да ги троши хранливите материи од други резерви, а ги чува мастите за најлоши ситуации, само кога е во прашање живот и смрт. После неколку недели организмот полека почнува да ги согорува мастите, енергијата е на нула, нерасположени сме.
На крај, успеваме да ослабиме и одлучуваме да се почестиме со неколку оброци. Сега телото хранливите материи ги зима и ги депонира во масни резерви. Ова се случува затоа што организмот не знае дали и кога ќе настапи повторно криза со храната. Тоа е Јo-Јo ефектот на диетите.
Организмот се брани од драстичните диети со успорување на базалниот метаболизам, енергијата потребна за нормално функционирање на организмот, за работа на внатрешните органи. Кога сме на диета се воспоставува режим на штедење на енергија. Мускулната маса се намалува затоа што потребната енергија сега не се користи од масното ткиво, туку од мускулите. Со диетата сме сакале да ги изгубиме масните наслаги, а сме добиле поспор губиток на масти и побрз губиток на мускулна маса.
Ако многу брзо се изгубат 10 – 15кг. базалниот метаболизам ќе се успори за 30% и губитокот на килограмите се случува сé поспоро. Треба да се биде трпелив и реален. Килограмите се губат многу полека, 0.5 на недела.
Само диета без засилена физичка активност нема ефект. Потрошувачката на енергија треба да се засили и да се зголеми мускулната маса која троши повеќе енергија.
Јо-јо диетите го зголемуваат воспалението што се поврзува со хронични болести. Циклусите на губење и добивање на тежина го зголемуваат ризикот за складирање на масти околу внатрешните органи, гојазност, метаболен синдром, дијабетес, висок крвен притисок, депресија. Флуктуациите на тежината создаваат стрес кој го зголемува кортизолот, стрес хормон кој се поврзува со развој на хронични болести.
Мускулната маса се намалува. Бидејќи мускулите согоруваат повеќе калории отколку масното ткиво, метаболизмот се успорува, килограмите се враќаат и бидејќи метаболизмот е успорен се додава повеќе тежина отколку што се изгубило.
Важно е да се имаат реални очекувања и да се губи тежина на здрав начин. Многу фактори влијаат – добар сон, вежбање, справување со стресот, генетика. Намалувањето на внесот на калории и зголемената физичка активност овозможуваат сигурно, постепено и долготрајно намалување на тежината. Приоритет е здравјето.
Неуспехот на диетите се објаснува со фактот дека губитокот на килограми предизвикува биолошка адаптација на организмот, намалување на потрошената енергија и зголемен апетит.