Д-р мед.сци. Маја Милованчева-Поповска
интернист-нефролог
ПЗУ Промедика Медикал Центар
Познато е чувството кога со недели и месеци се мачите да симнете вишок килограми, се откажувате од омилени јадења, дисциплинирани сте, ја следите диетата и ја постигнувате целта и … тогаш сѐ се враќа. Се враќаат сите изгубени килограми и уште полошо – се додаваат повеќе отколку пред диетата! Таа фрустрирачка појава се нарекува Јо-Јо ефект.
Меѓу разумот и телото се води разговор. Со гладување на телото му се порачува дека настапил тежок период во кој не може да се набави, “улови” храна. Телото живее во праисторијата и не знае зошто сме се откажале од храната, почнува да се плаши колку долго ќе трае гладувањето. Метаболизмот се успорува, хранливите материи почнуваат да се трошат од сите други резерви, а мастите се чуваат за најлоши ситуации и се користат само кога е во прашање живот и смрт. Расположението опаѓа. После неколку недели организмот полека почнува да ги согорува мастите. Процесот е бавен, цело време сме нерасположени, енергијата е на нула. На крај, успеваме да ослабиме и се честиме со неколку оброци.
Сега организмот добива информација дека храна е обезбедена. Телото ги зема за себе сите хранливи материи и ги депонира во резерви – масни резерви затоа што организмот не знае дали и кога ќе настапи повторно криза со храната. И тоа е Јo-Јo ефектот на диетите.
Организмот се брани од драстичните диети со успорување на базалниот метаболизам. Тоа е енергијата која е потребна за нормално функционирање на организмот, за работа на внатрешните органи. На диета се воспоставува режим на штедење на енергија, се намалува мускулната маса затоа што потребната енергија сега не се користи од масното ткиво, а повеќе од мускулите.
Со диетета сакаме да ги изгубиме масните наслаги, а добивме поспор губиток на масти и побрз губиток на мускулна маса што не изгледа убаво ако не вежбаме додека сме на диета.
Ако многу брзо се изгубат 10 – 15кг. базалниот метаболизам се успорува за 30% и сѐ поспоро се губат килограмите. Кога ќе се продолжи со внес на храна како пред диетата следува забрзан пораст на тежината.
Колку подрастично се намалува калорискиот внес толку поспоро се слабее. Треба да се биде трпелив и реален. Килограмите се губат многу полека, 0.5 на недела. Да се внесува минимум калории за својот пол, возраст, висина и тежина. Храната да се подели на повеќе оброци. Повеќето гојазни особи грешат и имаат само еден – два оброка на ден.
Само диета без засилена физичка активност нема ефект. Физичката активност ја засилува потрошувачката на енергија и се зголемува мускулната маса која троши повеќе енергија. Кога ќе се стекне навика за вежбање тогаш и по диетата полесно ќе се одржи килажата.
Јо-јо диетите го зголемуваат ризикот за гојазност, метаболен синдром, дијабетес, депресија, зголемен крвен притисок и холестерол, складирање на масти околу внатрешните органи. Се зголемува воспалението во телото што се поврзува со многу хронични болести, астма, канцер. Жени кои имаат јо-јо ефекти од диетите имаат 3.5 пати поголем ризик од смрт поради нагол срцев удар, коронарна срцева болест.
Екстремните флуктуации на тежината создаваат многу стрес кој го зголемува кортизолот, стрес хормон кој се поврзува со развој на хронични болести.
Јо-Јо диетата силно влијае на метаболизмот преку намалување на мускулната маса. Мускулите согоруваат повеќе калории отколку масното ткиво и метаболизмот се успорува. Килограмите се враќаат и бидејќи метаболизмот е успорен се додава повеќе тежина отколку што се изгубило.
Важно е да се имаат реални очекувања и да се губи тежина на здрав начин. Многу фактори влијаат – добар сон, вежбање, справување со стресот, генетиката. За сигурно, постепено и долготрајно намалување на тежината најдобар начин е намалување на калориите и зголемување на физичката активност.
Здравата диета не е премногу рестриктивна и се избегнува повторното качување на килограми. Приоритет е ЗДРАВЈЕТО.
Неуспехот на диетите се објаснува со биолошката адаптација на организмот при губитокот на килограмите. По силно ригорозен режим на исхрана метаболизмот се успорува и троши помалку енергија, особено при диета со многу намален внес на масти и/или јаглехидрати. Диета без јаглехидрати е скоро невозможна и е многу неурамнотежена. Важен е разумен сооднос помеѓу нутриентите кои се внесуваат во организмот, а не да се исфрлат мастите и/или јаглехидратите потполно од исхраната.