Доцент д-р Синиша Стојаноски, Институт за Патолошка физиологија и Нуклеарна медицина
Што претставува јодот?
Јодот е микроелемент кој што е неопходен во човековиот организам за да се синтетизираат тироидните хормони во тироидната жлезда. Неговото внесување е во директна корелација со концентрацијата во водата и почвата во различните региони во светот. Постојат предели каде што овој микроелемент го има доволно, но постојат и региони каде што постои дефицит на јод во водата и почвата. Тие се така наречени ендемски јодо дефицитарни подрачја.
Каде спаѓа Р. Македонија?
Во Р. Македонија, почвата и водата се сиромашни со јод. Поради овој факт, потребно е да се јодираат одредени хранителни продукти, за да се овозможи адекватен внес, согласно потребите на организмот.
Колкави се потребите за јод?
Средните дневни потреби за јод, кај возрасни индивидуи, кои што овозможуваат непречена адекватна хормонска синтеза се 150 микрограми. Јодот се излачува во млекото на доилките, па затоа тие имаат повисоки дневни потреби од останатата популација, околу 200 микрограми/ден. Во текот на гравидитетот (бременоста) исто така потребите за јод се зголемени.
Постојат ли начини/тестови за откривање на јоден дефицит во организмот?
Секако, постојат дијагностички процедури кои што можат да ни укажат на дефицит (недостаток) или суфицит (вишок) на јод во организмот. Тие тестови се: јодна фиксација и екскреција (излачување) на јод во урина (поединечен примерок или 24 часовна урина).
Која е опасноста од јоден дефицит?
Доколку не се внесува доволно количество на јод, може да дојде до зголемување на тироидната жлезда – струма или гушавост. Ако недостигот на јод е потенцирано изразен и релативно долготраен, освен гушавост, може да се равие и хипотироидизам. Недостигот на јод (а со тоа и на тироидни хормони), особено во првиот триместар од бременоста, а потоа и за време на периодот на интензивен раст (новороденче и доенче) може да резултира со тежок физички и ментален заостаток во растот и развојот (кретенизам).
Како и од кога се јодира солта кај нас?
Во Р. Македонија, солта се јодира од 1956 година, и тоа најпрво со 10 милиграми јод во форма на калиум јодид на 1 килограм сол. За да целосно се искорени јодниот дефицит, во 1999 година, солта почнува да се јодира со 20-30 милиграми калиум јодат, на 1 килограм сол. Сета сол, хумана или за анимална употреба, мора да биде јодирана на овој начин.
На што треба да внимаваме при употреба на солта?
Солта треба да се чува на темно и суво место. Јодот е прилично нестабилен, и секоја влажност, експозиција на светлина или оставање на солта на отворено, доведува до испарување на јодот од истата. При готвењето, солта треба секогаш да се додаде на крајот од термичката обработка на храната.